Фото: ЕПА

Германија спроведува законски реформи поврзани со пазарот на трудот

Најважниот дел од законската реформа се однесува на скратувањето на периодот по кој странците што живеат во Германија можат да аплицираат за германско државјанство од сегашните осум на пет години. За лицата што на посебен начин се истакнуваат во процесот на интеграција, преку голем напредок во учењето јазик или исклучителни достигнувања на работното место, рокот ќе се скрати на три години

Германската влада во средата ја прифати реформата на Законот за државјанство што го олеснува добивањето германски пасош.
– Сакаме граѓаните што долго време се дел од нашето општество да почнат да учествуваат во демократските процеси во Германија – изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (од Социјалдемократската партија на Германија – СПД) при претставувањето на нацрт-законот за државјанство.

Таа рече дека реформата на системот за стекнување државјанство е еден од најважните проекти на социјалдемократско-зеленолибералната влада и еден од важните механизми во борбата за таленти на глобалниот пазар на трудот.

Најважниот дел од законската реформа се однесува на скратувањето на периодот по кој странците што живеат во Германија можат да аплицираат за германско државјанство од сегашните осум на пет години. За лицата што на посебен начин се истакнуваат во процесот на интеграција, преку голем напредок во учењето јазик или исклучителни достигнувања на работното место, рокот ќе се скрати на три години.
Ќе биде дозволено и двојно државјанство

Со новиот закон ќе биде дозволено и двојно државјанство, што досега беше можно само за државјани на земја-членка на Европската Унија или во исклучителни случаи.
За членовите на т.н. работници од првата генерација, стекнувањето барања за државјанство ќе биде поедноставен јазичен тест. Наместо претходниот писмен тест за познавање на германскиот јазик, доволна ќе биде „едноставна усна комуникација“.
– Ова е задоцнето признание за заслугите на првата генерација гастарбајтери во Германија – рече Фезер.

Правилото според кое барателите за државјанство мора да можат финансиски да се издржуваат себеси и своите семејства останува во сила. Исклучоци се можни во исклучителни случаи за самохрани родители или лица со посебни потреби.

Законските реформи предизвикуваат дополнителна поларизација во германското општество

Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ ја критикуваше одлуката на федералната влада и ја обвини за воведување дополнителни мерки во време на зголемена миграција, што може дополнително да ја интензивира нерегулираната миграција и со тоа да го поларизира општеството.
– Тој што ги намалува пречките за стекнување германско државјанство во време на рекордна миграција во Германија предизвикува дополнителна поларизација на општеството – изјави лидерот на пратеничката група на ЦСУ во Бундестагот, Александар Добриндт, алудирајќи на популарноста на партиите што се против имиграцијата. Тој тврди дека „експресното стекнување државјанство“ не ја поддржува интеграцијата.

Опозициската десничарска популистичка Алтернатива за Германија (АфД) ја обвини федералната влада дека „подарува“ германско државјанство.

Нацрт-законот за државјанство е дел од пакетот на федералната влада што има намера суштински да го реформира законодавството за странците во Германија, а една од главните цели е зголемена имиграција на специјалисти што му се потребни на германскиот пазар на трудот.