Вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навална, и првата дама на Украина Олена Зеленска, ги одбиле поканите за претстојното обраќање на претседателот Џо Бајден во Конгресот на САД, објави денеска Белата куќа. Навална и сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски беа поканети како гостинки на денешното годишно обраќање за состојбата на нацијата, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
– Белата куќа ја покани Зеленска на говорот за состојбата на Унијата, таа не може да присуствува. Би ве упатил во Украина или кај неа за да дознаете зошто. Таа доби покана од нас – им рече Жан-Пјер на новинарите.
„Навална беше лично поканета од претседателот. Таа не може да присуствува. Очигледно, би ве упатила кај неа да објасни зошто, но да, таа беше поканета“, додаде таа. Од кабинетот на Зеленска претходно изјавија за „Политико“ дека таа не може да присуствува на говорот поради проблеми со распоредот.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ цитира луѓе запознаени со одлуките на Киев дека потенцијалното присуство на Навална ги направило Украинците вознемирени поради изјавите на нејзиниот покоен сопруг, дека Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и припаѓа на Русија.
Американскиот весник објави и дека портпаролката на Јулија Навална изјавила дека нема да може да присуствува на говорот на Бајден поради замор. Навални, кој важеше за најжесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин, почина на 16 февруари во сибирска казнена колонија, под се уште неразјаснети околности.
Официјалното обраќање пред двата дома на американскиот Конгрес традиционално му дава можност на американскиот претседател да зборува за состојбата на земјата и приоритетите за иднината. Ќе се одржи во четврток навечер во 21 часот по локално време.
– Мене ме избравте да ја работам работата, да ја градам економијата за доброто на сите, да обезбедам подобар живот за семејствата. Утре ќе ви кажам за нашиот напредок и нашите проекти – им напиша претседателот на сонародниците на социјалната мрежа „Екс“.
Џо Бајден пред Конгресот има намера да зборува за своите инвестиции во инфраструктурата, одбраната на правата на абортусот и напорите за намалување на цените на лековите и студентскиот долг.
Традиционално долгиот говор, кој минатата година траеше повеќе од 70 минути, се фокусираше и на надворешната политика. Бајден секако ќе ја спомене помошта за Украина, која во моментов е блокирана од републиканските претставници.