По неколкунеделниот топлотен бран, попладнево заврна пороен дожд во Париз, предизвикувајќи повеќекратни поплави на улиците и метро станиците. Според Каналот Метео, за помалку од еден час паднале 10 до 40 mm дожд, што е еквивалентно на две до три недели врнежи – јави дописникот на МИА.
Во 15-тиот арондисман на главниот град, корисниците на станицата Балард мораа да ги стават нозете во вода за да пристапат до платформите, бидејќи водата навлегла во станицата.
Малку по 18 часот, неколку станици последователно го затворија пристапот поради лошото време.
И покрај затворените станици, „сообраќајот е нормален“, изјави портпаролот на РАТП. Сообраќајот од друга страна беше „во прекин на целата линија Орливал“ што ја одржува врската помеѓу станицата Антониј на RER B и аеродромот Орли.
Сообраќајот по улиците беше погоден, поради неколку поплавени булевари, покажуваат бројните слики објавени на социјалните мрежи. Авенијата Њујорк исто така била под вода, според интернет корисниците.
Забавување на сообраќајот забележа и СНЦФ. На линијата J на трансилиен, помеѓу Париз Сен Лазар и Ермон-Обон, „временските услови го нарушуваат сообраќајот“, се наведува на Твитер профилот на државната железница.