Изненадувачката контраофанзива на Украина што почна во вторникот, продолжува да ја потиснува руската одбрана на североистокот на државата, тврдат сите западни медиуми, како и украинските власти. Врховниот командант на украинските вооружени сили Владимир Залужни истакна дека Украина вратила повеќе од три илјади квадратни километри за 11 дена, а други извештаи сугерираат дека Украинците вратиле речиси девет илјади квадратни колометри, што отприлика претставува површина како територијата на Кипар, пишува „Економист“.
Постојат информации дека руските војници забрзано се повлекуваат, како и за големи количества напуштена воена опрема. Кремљ истакна дека станува збор за прегрупирање, но преовладува мислењето дека дојде до пресвртница во седумесечната војна. Како значително се истакнува украинското враќање на Изјум и Купјанск во однос на контролата врз регионот Донбас, бидејќи се смета оти се отвора можност и за враќање на Северодонецк.
Мапата објавена од руското министерство за одбрана сугерира дека руските сили се повлекле од Харков на нова одбранбена линија долж реката Оскил.
Постојат шпекулации дали Украина може да ја искористи моментната состојба, преку засилување на контранападот во Херсон или отворање на нов фронт. Нејасно е дали Украина моментно има воена формација подготевна за таква акција, со отсуството на информации од украинскиот воен врв и тамошните извори. Во Украина наводно има размислувања и за отворање фронт во Запорожје кон Азовското Море со цел да се прекине копнениот мост на Русија со Крим. Украинскиот воен експерт Олег Жданов смета дека постои поголема веројатност оперативната резерва да биде искористена во регионот Изјум – Луганск.
Украинските лидери засега веруваат дека преговорите најдобро се спроведуваат на бојното поле, наведува британски „Економист“. Украинскиот претседател Владимир Зеленски во говор во саботата изразил незадоволство бидејќи западни лидери го притискаат за склучување на договор со рускиот претседател Владимир Путин. А тој нема намера да се согласи со ваквата идеја.
– Некои лидери нѐ туркаат во излишни преговори. Не смееме да си дозволиме да застанеме – категорично порача Зеленски.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев кажа дека сегашните „ултиматуми“ се благи во споредба со идните руски барања, истакнувајќи ја потполната капитулација на властите во Киев под руски услови како крајна цел.