Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ќе ја оствари својата долгоочекувана посета на Белата куќа за да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и веројатната кандидатка на Демократската партија за претседателските избори Камала Харис.
Посетата на Нетанјаху на Белата куќа, прва на израелски премиер по завршувањето на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп во 2020 година, ќе биде во време кога сите тројца политичари се под зголемен притисок да најдат решение за деветмесечната војна во Газа, која досега однесе повеќе од 39.000 животи во палестинската енклава. Покрај тоа, Хамас сѐ уште држи десетици израелски заложници, јавија американски медиуми.
Бајден бара Израел и Хамас да го прифатат неговиот предлог за прекин на конфликтот, што предвидува ослободување на преостанатите заложници во Газа во три фази. Доколку завојуваните страни се согласат со неговиот план, тој ќе влезе во историјата како еден од најголемите успеси за 81-годишниот демократ, кој се откажа од трката за Белата куќа и ја поддржа Харис. Евентуален успех на овој план би и користел и на самата Харис доколку го наследи на претседателската функција, наведуваат американски медиуми.
Според претставници на Белата куќа, преговорите на таа тема се во завршна фаза, но има уште прашања што треба да се разјаснат.
Бајден и Нетанјаху ќе се сретнат и со семејствата на американските заложници кои ги држи Хамас.
Харис, која подоцна денеска ќе има посебна средба со израелскиот премиер, се обидува да покаже дека има квалитети да ја исполни улогата на врховен командант, јавија американските медиуми.