Фото: принтскрин

Испораката на руски гас за Европа преку гасоводот „Северен тек 1“ нема да биде целосно обновена додека „колективниот Запад“ не ги укине санкциите против Москва поради конфликтот со Украина, објавил Кремљ.

Според Дмитриј Песков, портпаролот на претседателот Владимир Путин, вината за ова е во санкциите од ЕУ, Велика Британија и Канада за неуспехот на Русија да испорача гас преку клучниот гасовод што го носи гасот до Германија од Санкт Петербург преку Балтичкото Море, пренесуваат медиумите во регионот.

-Проблеми со испумпувањето на гасот предизвикаа санкциите што ги воведоа западните земји кон нашата земја и неколку компании“, рече Песков, пренесе Интерфакс. „Нема други причини кои би можеле да го предизвикаат овој проблем со пумпањето“ – додал тој.

Песков кажал дека Русија не може целосно да го продолжи транспортот преку Северен тек 1 додека Западот не ги укине санкциите. Тој ги обвинил западните земји дека предизвикуваат „превирања“ со негирање на правните гаранции на „Газпром“ дека турбините испратени на поправка ќе бидат вратени.

– Очигледно е дека животот на луѓето, бизнисмените и компаниите во Европа се влошува. Се разбира, обичните луѓе во овие земји ќе имаат сè повеќе прашања за нивните лидери – рекол Песков.