Фото: Лавров/инстаграм

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска го обвини Западот дека „бесрамно ја поткопува“ иницијативата за извоз на жито преку Црното Море, а американскиот државен секретар Антони Блинкен ја повика Русија да го обнови договорот, што истекува овој месец.

Русија постојано го критикуваше пристапот на Западот кон договорот, што беше постигнат минатиот јули со посредство на Турција и ОН, тврдејќи дека земјите кои воведоа санкции кон Москва не прават доволно за да ги намалат ограничувањата на рускиот извоз, особено на вештачките ѓубрива.

-Западот бесрамно ја поткопува добро познатата хуманитарна иницијатива на генералниот секретар на ОН, рече Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Њу Делхи, говорејќи за иницијативата за извоз на жито.

Сегашната фаза од договорот трае до 18 март. Тој ќе биде продолжен доколку ниту една страна не поднесе формален приговор.

Русија и пред истекот на рокот во ноември ги засили критиките за договорот во обид да добие повеќе отстапки од Западот, но на крајот дозволи тој да биде продолжен за уште 120 дена.

Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека нема да се согласи на второ продолжување на договорот доколку не се земат предвид интересите на руските фармери.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пак, денеска, на форумот на Г20 побара од Русија да го обнови договорот.

 – Од најголема важност е Г-20 да се согласи на продолжување и проширување на Иницијативата за жито со цел да се зголеми безбедноста на храната на најранливите, рече Блинкен во Њу Делхи, пренсен од француските медиуми.

 – Русија намерно и систематски го забави темпото на инспекциите, создавајќи заостој на бродовите што сега би можеле да достават храна до светот –  додаде тој.

Договорот досега овозможи извоз на околу 20 милиони тони украинско жито.