Соседите на немирниот Медитеран засега се гледаат само од далечина, но будно ги следат постапките на другиот

Прелиминарниот договор за енергетско истражување што беше потпишан меѓу либиската влада на национално единство и Турција се смета за продолжение на поширокиот меморандум за соработка меѓу двете земји од 2019 година. Меѓутоа се стравува дека договорот може да ги доведе во прашање територијалните води на Грција јужно од островот Крит, поради што имаше силни реакции од ЕУ, Вашингтон и Атина

Турција може да влезе во нов локален територијален спор со Европа

Меморандумот за соработка во истражување јаглеводороди во Средоземно Море, потпишан меѓу Владата во Триполи и Турција, уште еднаш го актуализира прашањето и, практично, отворено ја доведува во прашање територијата на Европската Унија (ЕУ), што предизвикува дополнителни главоболки во Брисел, во услови на тековниот конфликт во Украина. За што станува збор?
Прелиминарниот договор за енергетско истражување беше потпишан меѓу либиската влада на национално единство и Турција и се смета за продолжение на поширокиот меморандум за соработка меѓу двете земји од 2019 година. Договорот ги доведува во прашање територијалните води на Грција јужно од островот Крит и предизвика силни реакции. ЕУ, Вашингтон и Атина го осудија договорот, велејќи дека тој го дестабилизира регионот, ги нарушува суверените права на трети држави, не е во согласност со Законот на морето и не може да предизвика никакви правни последици за трети држави.
Од друга страна, од самиот почеток на Арапската пролет, Либија се соочува со кревок политички пејзаж, имајќи предвид дека има две ривалски влади: Владата на национално единство со седиште во Триполи, која го потпиша договорот со Анкара, и Владата за национална стабилност, со седиште во Сирт. Второспоменатата влада, исто така, го критикуваше договорот, велејќи дека каков било договор направен од владата во заминување не е обврзувачки за либиската држава.

Заострување на реториката од турска страна

Згора на тоа, Анкара секојдневно сè повеќе ја зајакнува својата реторика, ставајќи го на тапет суверенитетот на некои острови што сега се грчки. Посебно, екстремно десничарскиот владин партнер на Реџеп Таип Ердоган, Девлет Бахчели, неодамна изјави дека суверенитетот на островите Додеканези и северниот дел на Егејско Море се турски, а не грчки. Извор од ЕУ изјави за „Еурактив“ дека Брисел внимателно ја следи ескалацијата во Медитеранот и на ниту еден начин не сака да се соочи со друг фронт на нестабилност по украинскиот конфликт на истокот на Европа.
Во минатото, земјите-членки на ЕУ беа поделени околу прашањето на Турција, со оглед на нивните различни индивидуални интереси. На пример, за периодот 2015-2019 година, 43 отсто од увозот на оружје во Турција доаѓаше од Италија и од Шпанија.
Истиот извор од Брисел, исто така, нагласи дека не треба да се игнорира дека Турција ќе има избори во 2023 година, а Ердоган се обидува повторно да го привлече „патриотскиот“ електорат, имајќи предвид дека турската економија постојано се влошува поради инфлацијата и не може да се најдат лесни решенија.

Прекин на комуникацијата со Грција

Од мај минатата година, Ердоган ги прекина сите комуникациски врски со грчката влада, велејќи дека премиерот Киријакос Мицотакис „повеќе не постои“ за него. Сегашните зголемени тензии се случуваат во заднина на турската власт на северната третина од Кипар, кој и самиот е земја-членка на ЕУ. Прашањето е во застој со години, оставајќи го островот поделен со силно чувана граница. Во меѓувреме, Ердоган го повтори својот повик до меѓународната заедница да ја признае таканаречената Турска Република Северен Кипар.

Подготвил: Mарјан Велевски