Хорот и оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски – Питу од Скопје, Македонија го освои првото место на Интернационалниот фестивал во Ричоне, Римини, Италија, настапувајќи под името „Сите бои на уметноста”.

Македонскиот хор и оркестар под менторство на професорката по музичко во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“, Вера Ангеловска, се покажа во право светло и ги освои симпатиите и гласовите на жирито.

Со 31 глас од хористите и 9-те членови на оркестарот, настапот на македонската музичка експедиција ги изнуди аплаузите и овациите од преполната сала во Ричоне.

Македонскиот училишен хор и оркестар, за разлика од натпреварувачите на другите учесници, го немаше епитетот професионалци, но сепак покажа дека има квалитет еднаков и подобар од професионалните музичари, што беше пресудно за победа и успех.

На фестивалот настапија 18 натпреварувачи од: Литванија, Шри Ланка, Иран, Хрватска, Израел, Ерменија и Бугарија, во различни категории.

Пехарот за првото место ќе остане во трајна сопственост на училиштето, како и оригиналната статуетка од Интернационалниот фестивал, и златните медали на градите на учениците ќе останат да сведочат за овој огромен успех на хорот и оркестарот на ООУ „К.Ј. Питу”, како прв и единствен претставник од Македонија на еден ваков  Светски музички настан.

Покрај хорот и оркестарот, на фестивалот, во категоријата „вокални солисти”, македонски преставници беа Лана Алексовска (која го освои 2. место) и Ева Балканова (која беше третопласирана). Овие две ученички, се воедно дел и од победничкиот хор.
Директорот на училиштето, Андреја Стојанов, изрази благодарност и до наставничката Наташа Петровска Дургутов, која беше со хорот на фестивалот, и до сите чинители кои овозможија учениците на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ Скопје да докажат дека се најдобри.