Малолетникот кој минатата недела уби еден и тешко повреди друг полицаец во Босанска Крупа оставил пораки на социјалните мрежи кои сугерираат дека исламскиот радикализам бил неговиот мотив за злосторството, објавија денеска локалните медиуми.
„Еве ја мојата причина зошто ја напаѓам полицијата: поддржување ционисти, желба за ЕУ, убивање невини муслимани и убиство на Јусуф Барчиќ“, напишал малолетниот убиец чиј напад врз полициската станица во Босанска Крупа го истражува обвинителството како терористички акт.
Во преписката, чија содржина ја објави Дневни аваз, убиецот му рекол на неименуваниот соговорник да не му праќа повеќе пораки за да „не ја има полицијата на грб“.
Ученикот во прва година на средното училиште во Босанска Крупа, чии иницијали се Е.С., во својата кореспонденција го спомнал „убиството на Јусуф Барчиќ“, што е една од темите на бројните теории на заговор. Според оваа теорија, Барчиќ, кој некогаш беше третиран како неформален лидер на вахабистичкото движење, а кој почина во 2007 година, всушност е убиен. Тој со автомобилот што го возел удрил во столб за улично светло кај Тузла. Тогаш бил тешко повреден, а и покрај напорите на лекарите, починал во болница. Полицијата тогаш утврдила дека причина за несреќата е возењето неприлагодено на условите на патот.
Од страна на полицијата дополнителна врска меѓу напаѓачот на полицајците од Босанска Крупа и исламистичкиот радикализам беше откриена во тоа што неговиот вујко Исмет Седиќ наводно бил припадник на вахабистичкото движење. Тој, наводно, го вовел својот внук во тоа движење, чии членови се залагаат за, според нив, оригиналното толкување на исламот и не го признаваат авторитетот на секуларната влада.
Општинскиот суд во Босанска Крупа на напаѓачот му одреди едномесечен притвор, а во досегашните рации се уапсени седум мажи и се води истрага за утврдување на нивната евентуална поврзаност со убиецот. Медиумите објавија дека меѓу уапсените е и Хакија Кануриќ, професор на Исламскиот педагошки факултет во Бихаќ.
Обвинителството на БиХ денеска потврди дека ќе им бидат предадени сите уапсени лица од Босанска Крупа. Тие најавија и дека истрагата сега ќе биде проширена поради сомнение за финансирање тероризам, бидејќи кај уапсените при рациите била пронајдена значителна сума пари.
Убиениот полицаец Озрен Маран (53) е погребан во саботата на гробиштата во Босански Нови, каде што живеел, додека неговиот повреден колега Авдо Хасановиќ се наоѓа на лекување во болница на Бихаќ и е надвор од животна опасност.