Индија и САД ќе ја удвојат билатералната трговска размена на 500 милијарди долари до 2030 година, изјави индискиот премиер Нарендра Моди на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп го поздрави неодамнешниот потег на Индија да ги намали тарифите за избраниот увоз и рече дека ќе започне разговори за трговските разлики и се надева дека ќе постигне договор.
Говорејќи на крајот од средбата на двајцата лидери во Вашингтон, Моди исто така рече дека „тимовите ќе работат на склучување многу експедитивен, заемно корисен трговски договор“.
Моди најави поголема соработка со САД во областа на воената индустрија, како и во развојот на полупроводници, квантната технологија и вештачката интелигенција, пренесува Њујорк Тајмс.
САД ќе ја зголемат својата воена продажба во Индија почнувајќи од оваа година и на крајот ќе му обезбедат борбени авиони Ф-35 на азискиот сојузник, рече Трамп на брифинг, во обид да се спротивстави на, како што рече, „заканата од радикалниот исламски тероризам“.
Неколку часа пред средбата со Моди, Трамп потпиша план за воведување реципрочни царини за странски земји, вклучително и Индија.
-САД едноставно би можеле да ги наметнат истите царини што ги наплаќа Индија, додека трговскиот дефицит со Индија може да се реши со продажба на повеќе американска нафта и гас – рече Трамп.