Хрватските медиуми деновиве известуват за интересен случај, кој предизвикува внимание во тамошната јавност. Имено, загрепската полиција соопшти дека спровела кривична истрага против малолетник поради сомнение за разбојништво и за две кривични дела нанесување тешки телесни повреди. Едно од овие злосторства било обид за нанесување тешки телесни повреди на штета на двајца индиски државјани.
– Постои сомневање дека осомничениот преку мобилна апликација на 5 октомври во попладневните часови договорил средба со двајца странски државјани, претставувајќи се со женско име. Според договорот, оштетените вечерта со такси дошле на наведената адреса во месноста Сесвете, така што осомничениот дошол заедно со уште две лица со намера тешко да ги повреди. Тие биле нападнати прво вербално, а потоа и физички со раце и нозе, додека еден од напаѓачите имал метална палка со која удирал. На крајот го украле мобилниот телефон и побегнале – соопшти полицијата.
Оттаму додаваат дека постои сомнение дека малолетникот заедно со уште пет непознати машки лица сториле кривично дело закана и оштетување туѓи имоти на тој начин што на 4 октомври во утринските часови преку мобилна апликација и во оваа случај претставувајќи се како жена, договориле средба со маж. Кога оштетениот истиот ден во вечерните часови пристигнал на договорената адреса во загрепско, по краток разговор се упатил кон возилото во кое дошол со намера да замине. Но, кога влегол внатре, му ја оштетиле вратата, хаубата, го откорнале ретровизорот и го скршиле предното ветробранско стакло на возилото. За тоа време малолетниот осомничен му се заканувал со лажен пиштол сличен на вистинскиот, поради што жртвата стравувала за својата безбедност и живот.
По завршувањето на кривичната истрага, малолетникот во законскиот рок завршил во притвор, а посебен извештај е поднесен до општинскиот кривичен државен обвинител за млади во Загреб.
Кривичната истрага продолжува со цел пронаоѓање на други осомничени, се додава во полициското соопштение.