Денеска Кремљ соопшти дека наводната снимка на германската армија покажува дека нејзините членови разговарале за воздушни напади на, како што рече Москва, руска територија и се прашувале дали канцеларот Олаф Шолц ги држи работите под контрола, пренесe „Ројтерс“.
Минатата недела руските медиуми објавија аудио снимка за која тврдат дека е направена за време на состанокот на високи германски воени претставници на кои се разговарало за оружје за Украина и за потенцијалниот напад на Киев на мостот на Крим, што ги натера руските власти да побараат објаснување.
– Самото видео покажува дека Бундесверот конкретно разговара за плановите за изведување воздушни напади на руска територија. За тоа нетреба никакво правно толкување. Тука сè е повеќе од очигледно – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Германија објави дека го истражува видеото, а Русија го повика на разговор германскиот амбасадор.
– Тука треба да откриеме дали Бундесверот тоа го прави самоиницијативно. Тогаш се поставува прашањето колку Бундесверот е под контрола, а колку Шолц ја има ситуацијата под контрола? Или тоа е дел од политиката на германската влада? – продолжи Песков.
– Двете сценарија се многу лоши. И двете повторно го нагласуваат директното вклучување на државите од колективниот Запад во конфликтот околу Украина – додаде портпаролот.
Германија е една од членките на НАТО која ја снабдува Украина со оружје, вклучително и тенкови. Русија го обвинува „колективниот Запад“ дека ја користи Украина за прокси војна против себе.