Италија би можела да се повлече од кинескиот инфраструктурен проект „Појас и пат“ поради растечките притисоци на Вашингтон кон Рим, во контекст на растечките тензии меѓу Вашингтон и Пекинг, тврдат извори за „Блумберг“

ИТАЛИЈАНСКАТА ПРЕМИЕРКА ЏОРЏА МЕЛОНИ МЕЃУ ДВА ОГНА

Италија е единствената членка на Г7 што потпиша меморандум за разбирање со Кина за инфраструктурниот проект „Појас и пат“.
Деновиве, американскиот медиум „Блумберг“ објавува дека премиерката на Италија, Џорџа Мелони, сакала да го најави учеството на Италија на „Појас и пат“ до самитот на Г7 во мај, но дека сѐ уште не е одлучено дали меморандумот за разбирање ќе биде обновен или не, бидејќи истекува наредната година.
Изворите тврдат дека мислењето за иднината на договорот во администрацијата на Мелони е поделено, односно нејзината партија Браќа на Италија се залага за напуштање на договорот, додека други бараат тој да остане.
Пред да биде избрана за премиерка, проамериканката Мелони тврдеше дека договорот со Кина е „голема грешка“, но потоа таа ретерираше и нејзината реторика во однос на „Појас и пат“ беше сосема различна, дури и афирмативна. Меморандумот за разбирање првично беше потпишан во 2019 година и автоматски ќе биде обновен во март 2024 година, освен ако Мелони не одлучи да се откаже.
Иако самиот договор не доведе до подлабока соработка меѓу Италија и Кина, аналитичарите предупредуваат дека неговото откажување ќе доведе до економски и дипломатски реперкусии и влошување на италијанско-кинеските односи.
Двете земји имаат силни економски врски. Италија е трет најголем увозник на кинески стоки во ЕУ и четврти најголем извозник на стоки во земјата, особено кога станува збор за италијанските луксузни брендови.
Дилемата на Рим е дотолку поголема поради влошувањето на односите меѓу Вашингтон и Пекинг, што има последици и за ЕУ, инаку цврст сојузник на САД, кој исто така силно зависи од економските односи со Пекинг. САД воведуваат извозни контроли на клучните технологии за да ги спречат да стигнат до Кина. САД ја повикуваат Европа да го следи нејзиниот пример, а Кина се обидува да ја спречи Америка да ги поткопа економските релации на ЕУ со Кина.
– Италија е заглавена меѓу чеканот и наковалната, а судбината на договорот за соработка е вистинска дипломатска загатка за Мелони. Обновувањето би испратило многу силна и јасна порака до Вашингтон, а во спротивно би довело до заострување на односите на Италија со Кина – вели Франческа Гирети, аналитичарка во институтот за кинески студии „Меркатор“, за „Блумберг“.
Во моментов се чини дека италијанската влада се стреми кон необновување на договорот, но во ова сценарио, координацијата со САД и другите сојузници ќе биде клучна за да се реагира на евентуален одговор, додаде таа.