Фото: Официјална страница на рускиот претседател

Додека САД се обидуваат да извршат максимален притисок врз Русија поради украинската криза, рускиот лидер Владимир Путин најде поддршка од неговиот најмоќен партнер на глобалната сцена – Кина, пишува „Њујорк тајмс“.

– Кина изрази поддршка во однос на потешкотиите на Путин против САД и НАТО, придружувајќи и се на Русија во обидот за блокирање на евентуална акција за Украина во Советот за безбедност на Обединетите нации, а ги отфрли и американските предупредувања дека инвазија би предизвикала глобални безбеносни и економски ризици кои би ја опфатиле и Кина – истакнува американскиот весник.

Путин в петок ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, во пресрет на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг, која американскиот претседател Џо Бајден и други светски лидери најавија дека ќе ја бојкотираат.

Се очекува првата средба во живо на Си Џинпинг со друг светски лидер по речиси две години да претставува јавно покажување на геополитичкото сојузништво помеѓу двете сили, иако не се објавени деталите за потенцијалните договори помеѓу двете држави.

– Кинеското ветување за економска и политичка поддршка за Путин би можело да ја подрие стратегијата на Бајден за изолација на рускиот лидер поради поставувањето на армијата на границата со Украина. Исто така би можела да претставува и тектонска промена во ривалството помеѓу САД и Кина кое би можело да се пренесе од Европа во Пацификот – наведува „Њујорк тајмс“.

Се смета дека евентуалното здружување на Кина и Русија би можело да донесе промени во соодносот меѓу светските сили.

– Ако има војна поради Украина и Кинезите и Русите отворено се здружат, одеднаш светот ќе биде многу поразличен. Кина ќе биде на источниот фронт на навидум долгорочното глобално натпреварување – вели Еван Медеирос, професор на универзитетот „Џорџтаун“.

Кинеските лидери со внимание ја следат конфронтацијата помеѓу Русија и САД поради Украина, додека кинеските државни медиуми ги потенцираат поделбите меѓу сојузниците во НАТО и ги критикуваат САД, заклучува „Њујорк тајмс“.