Фото: Твитер/Ненси Пелоси

Кина ќе преземе „одлучни и силни мерки“ доколку претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси не се откаже од намерата да го посети Тајван, предупреди денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

Портпаролот на кинеското МНР Жао Лиџијен изјави пред медиумите дека посетата на Пелоси на Тајван „сериозно ќе го поткопа суверенитетот и територијалниот интегритет“ на Кина, значително негативно би влијаела врз основите на кинеско-американските односи и би испратила „мошне погрешен сигнал” до силите што се залагаат за независност на островот.

– Ако САД продолжат да инсистираат да се движат по погрешниот пат, Кина ќе преземе решителни и силни мерки за заштита на својот суверенитет и територијален интегритет – рече Жао.

Пелоси би требало идниот месец да го посети Тајван, островот со сопствена управа што Кина го смета за дел од својата територија. Таа требаше да го посети Тајван во април, но го одложи патувањето бидејќи беше позитивна на ковид-19. Пелоси би бил највисокиот американски функционер што го посетил Тајван по 25 години кога островот го посети тогашниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.

Кина предупредува дека, доколку биде потребно, со употреба на сила ќе го анектира Тајван, често врши прелети со воени авиони низ тајванскиот воздушен простор и одржува воени маневри на кои армијата увежбува инвазивни активности.

Изминатите седмици Пекинг ја засили реториката по однос продажбата на оружје од САД на Тајван, барајќи раскинување на договорот вреден околу 108 милиони долари.

Народна Република Кина и Тајван, чие официјално име е Република Кина, се со посебни влади од кинеската граѓанска војна во втората половина на 1940-тите години. По поразот од комунистите, националистите предводени од Чанг Кај Шек се префрлија на Тајван, островот оддалечен 160 километри од континентална Кина, каде формираа своја влада во 1949 година. Пекинг се спротивставува на какви било официјални контакти на тајванската влада со други земји бидејќи го смета островот за дел од својата територија.