Кина и Унгарија ќе тргнат на „златно патување“ во билатералните односи, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан на третата и последна станица од неговата прва европска турнеја по пет години.
Унгарија стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина, за разлика од некои други земји од ЕУ кои размислуваат да станат помалку зависни од втората по големина економија во светот.
Си Џинпинг пристигна во Будимпешта по посетата на Франција и Србија. По средбата, Си и Орбан изјавија дека нивните земји го подигнале нивото на соработка на „сеопфатно стратешко партнерство“.
– Сметаме дека ова е нова почетна точка за подигање на билатералните односи и прагматичната соработка на повисоко ниво – рече кинескиот претседател.
Тоа, меѓу другото, значи дека двете земји ја прошируваат соработката и во нуклеарната индустрија, рече Орбан.
Двете земји, исто така, ќе постигнат напредок во изградбата на клучните проекти, вклучително и проектот за реконструкција на железницата Будимпешта-Белград, рече кинескиот претседател.
Проектот вреден 2,1 милијарди долари, најголемиот дел финансиран со заем од Кина, е дел од оницијативата „Појас и пат“, амбициозен план започнат од Си пред една деценија со надеж за изградба на глобални инфраструктурни и енергетски мрежи што ќе ја поврзат Азија со Африка и Европа. Унгарија и Кина, исто така, ќе започнат со подготовки за брза железница што ќе го поврзува центарот на Будимпешта и нејзиниот аеродром, рекоа министрите.
Кина минатата година беше најважниот трговски партнер на Унгарија надвор од Европа, објави унгарскиот весник „Хирадо“ по повод посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Будимпешта.
Според унгарската влада, фактот што КАТЛ тука ја основа својата втора европска фабрика за батерии, а БИД, најголемиот светски производител на електрични автомобили, исто така ја избра Унгарија како локација на својата прва европска фабрика, е показател за довербата на кинеските компании во Унгарија. Изградбата на кинеската фабрика БИД во Сегед е во тек.
– Во Унгарија во моментов успешно работат 380 кинески компании – наведува весникот.
Според министерот за национална економија, Мартон Наѓ, Унгарија има потреба од добри односи со Кина за да ја зголеми конкурентноста.
– Кина игра сè поважна улога во светската економија. Унгарската влада има за цел да ја направи нашата земја комерцијален и логистички центар за трговија меѓу Кина и Европа. Тоа треба да биде место за средба на источниот и западниот свет, како и на капиталот и високата технологија – рече Наѓ.
Тој изјави дека еден од најважните чекори во ова е реконструкција на железничката линија Будимпешта-Белград.
– Оваа рута ќе обезбеди најбрз транспорт до Западна Европа за стоките што пристигнуваат од Кина до грчките пристаништа преку Унгарија – истакна Наѓ.
Кина и Унгарија ја слават 75-годишнината од дипломатските односи. Орбан почна да ја приближува својата земја до Пекинг откако дојде на власт во 2010 година.