Доделувањето на Нобеловите награди на Кралската шведска академија на науките за 2023 година започна со доделување на признанија од областа на физиологијата и медицината, а овогодинешни лауреати се унгарско-американската биохемичарка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсман.
Престижната награда им припадна за нивниот придонес во развојот на mRNA вакцина против ковид-19, пренесе „Анадолија“.
– Откритијата на Каталин Карико и Дру Вајсман – наградени со Нобеловата награда за физиологија и медицина во 2023 година – беа инструментални во развојот на ефективни mRNA вакцини против ковид-19 за време на пандемијата што започна на почетокот на 2020 година. Со нивните револуционерни откритија, овогодинешните лауреати фундаментално го променија нашето разбирање за тоа како mRNA комуницира со нашиот имунолошки систем. Тие придонесоа за невидена стапка на развој на вакцини за време на една од најголемите закани за човековото здравје во модерното време – рече Нобеловиот комитет на Институтот Каролинска во Стокхолм.
Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија, а вреди 11 милиони шведски круни (околу 950.000 евра).
Наградата за физиологија и медицина е првата Нобелова награда што се доделува оваа година. Во текот на неделата ќе бидат објавени и останатите лауреати.
Нобеловата награда се доделува секоја година за најголемите достигнувања кои придонеле за човештвото во текот на претходната година.
Станува збор за награди за достигнувања во областа на физиологијата и медицината, физиката, хемијата, литературата, економијата и за придонес за мирот, кои беа започнати пред 120 години во чест на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел (1833-1896).
Нобеловата награда за прв пат е доделена во 1901 година, а првично се доделуваше во пет области, а од 1968 година почна да се доделува и во областа на економијата.