Фото: ЕПА

Граѓани на ЕУ и зелените активисти од Европа алармираат дека со проектите за екстракција на т.н. критични суровини (литиум, кобалт итн.) се ризикува да се однесе плодот на децениската работа за зачувување на природата и биолошката разновидност на Европа. Имено, тие аргументираат дека рударството може да предизвика сериозно загадување на водата и почвата и да доведе до уништување на шумите и губење на биолошката разновидност

Со децении, еколошките импакти од ископување минерали како литиум и кобалт во голема мера беа скриени од погледот на Европа. Тоа во блиска иднина ќе се промени. Сакајќи да го диверзифицира снабдувањето со т.н. критични суровини (не само да се снабдува од Кина), Европа сака да го олесни искористувањето на домашните резерви на минералите што ѝ се потребни за изградба на зелена технологија, како што се турбините на ветер и соларните панели. Но екоактивистите и локалното население предупредуваат за можни страшни несакани ефекти врз природата при ископувањето на т.н. критични суровини.

Тревога кај граѓаните и екоактивистите

Локалното население и зелените активисти алармираат дека со проектите за екстракција на т.н. критични суровини (литиум, кобалт итн.) се ризикува да се однесе плодот на децениската работа за зачувување на природата и биолошката разновидност. Имено, тие аргументираат дека рударството може да предизвика сериозно загадување на водата и почвата и да доведе до уништување на шумите и губење на биолошката разновидност.
Пример за тоа има во Трегенек, крајбрежна област во Бретања во северозападна Франција, каде што локалните жители живеат над она што тие велат дека се чувствува како темпирана бомба. Околу 130 метри под нивните домови се наоѓа второто најголемо наоѓалиште на литиум во земјата, клучна компонента на батериите што се користат за напојување на електричните автомобили.
Ископувањето на таканареченото бело злато (литиумот) би вклучило ископување заштитен природен резерват лоциран на миграциска маршрута за птици и уништување „нешто за што биле потребни милиони години да се создаде“, вели Филип Спец, 69-годишен пензионер што живее во Трегенек.
– Никогаш нема да ја вратиме природата – предупреди тој.
Ниту една компанија сè уште не аплицирала за извлекување на споменатиот ресурс. Во тоа време, Беранже Аба, кој некогаш беше помлад министер со делокруг на работа за „биолошка разновидност на Франција“, вети дека ќе „постави рамнотежа“ помеѓу заштитата на природата и екстракцијата на минералите. Но локалното население и зелените групи се загрижени дека вагата нема да натежне во нивна корист.
Овој судир меѓу апетитот на Европа за споменатите критични суровини и нејзините амбиции за заштита на природата – што веќе се одвива низ целиот континент, со локални протести против новите рударски проекти во Португалија, Германија, Шведска и во Шпанија – треба да се интензивира само откако Брисел деновиве ќе влезе поинтензивно во конципирање новото законодавство за забрзување на рударските активности.

Владата на Европа може да дозволи рударските проекти да добијат статус на „главен јавен интерес“

Нацрт на правилата, до кој дојдоа новинарите на порталот „Политико“, сугерира дека Европската комисија може да дозволи стратегиските рударски планови да бидат означени како таканаречени проекти од главен јавен интерес, што ќе им даде приоритет во случај на конфликт со друго законодавство на ЕУ, на пример. со Законот за зачувување на видовите. Тоа им оди на рака на повиците од индустриски групи, поддржани од либерални и конзервативни пратеници, кои тврдат дека Европа не може да ги зголеми резервите на клучни минерали без да ги ублажи строгите еколошки барања што го прават отворањето нови рудници голема бирократска главоболка.
– Мислам дека начинот на кој ископуваме руда во Европа, веројатно, е еден од најдобрите во светот. Но не ни е дозволено да работиме на рударство – вели Микаел Стафас, извршен директор и претседател на шведската рударска фирма „Болиден“. Тој додава дека Европа „среќно увезува метали од другите делови на светот“ што ги ископува со многу пониски еколошки стандарди.
Но екологистите и локалното население тврдат дека правилата на ЕУ за заштита на природата треба доследно да се спроведуваат, па и да се подигнат на повисок степен, а не со рударството правилата да се деградираат.
– Зборуваме за оваа зелена транзиција. За мене тоа не е зелено, туку црно, бидејќи ќе ја уништи природата што ни остана – вели Мати Блинд Берг, кој ја предводи Националната конфедерација на шведските Сами.
Неговата заедница во северниот град Кируна се бори против проширувањето на најголемиот рудник за железна руда во светот, за кој тој тврди дека ги раселува локалните жители и ја загрозува нивната способност да чуваат ирваси.

Што и кога ќе се донесе законот за критични суровини?

Добивањето зелено светло за нов проект за рударство во Европа може да потрае до 15 години – нешто што ЕУ сака да го поправи во својот т.н. закон за критични суровини. Според нацртот, Европската влада (ЕК) ќе дозволи рударските проекти да бидат означени како стратегиски (да бидат прогласени за проекти од врвен јавен интерес), да имаат приоритет над други закони и прописи во ЕУ, да имаат и пократок рок на усвојување (скратена процедура, нешто слично како во македонското собрание што важи правилото за законите со европско знаменце), а се со цел ЕУ што побрзо да ја намали својата зависност од увозот.
Според Мајкл Шмит, научен соработник во германската агенција за минерални ресурси, „иако ЕУ не може да ги снабдува сите суровини што ѝ се потребни, нејзините најважни проекти за литиум, на пример, би можеле да задоволат од 25 до 35 проценти од побарувачката на Европа до крајот на деценијата“.
Во моментов, околу 78 отсто од литиумот во Унијата доаѓа од Чиле. Рударските компании долго време тврдат дека издавањето дозволи може да се забрза само ако ЕУ, исто така, се согласи да олабави некои еколошки правила.
Законите за вода на ЕУ, на пример, бараат од компаниите да поминат „многу високи прагови“, како што се „нулта емисија во водата“, што е „мошне тешко да се направи“, рече Керстин Бринен, правен советник во ЛКАБ, рударска компанија во шведска државна сопственост.
Проектите за рударство во заштитени подрачја, иако се дозволени, исто така треба да подлежат на дополнителна процена на влијанието за да се покаже дека нема да наштетат на интегритетот на локацијата. Индустријата презеде чекори за да го минимизира влијанието врз животната средина и да ја компензира штетата врз биолошката разновидност, рече Бринен. Но, и покрај тие напори, „некој вид влијание врз околината“ е „неизбежен“. Третирањето на рударските активности како „проекти од врвен јавен интерес“ ќе реши голем број од тие прашања, рече таа. Индустриските тела „Еуромито“ и „Еуроминс“ повикаа на слични мерки.
А бидејќи поголемиот дел од познатите резерви на т.н. критични суровини во Унијата се наоѓаат во заштитените подрачја или во нивната близина, ЕУ ќе мора да направи отстапки за заштитата на природата доколку сака да ги искористи, велат лидерите на индустријата.

Европската комисија ќе си пука во нога ако ги игнорира своите еколошки принципи

Зелените групи долго време се бореа против проширувањето на рударството во Европа. Нивниот страв е дека фокусот на законската регулатива ќе биде по секоја цена да се зголемат рударството, копањето и преработката на суровини наместо да се ограничи влијанието на рударството врз животната средина.
Запрашан за придонесот на неговиот оддел, комесарот за животна средина на ЕК, Вирџинијус Синкевичиус, изјави за порталот „Политико“ дека е „активно ангажиран во изготвувањето на предлогот“ и првенствено е фокусиран на осигурување дека суровините се рециклираат колку што е можно побезболно.
Невладините организации и експертите предупредуваат дека Европската комисија (ЕК) „ќе си пука во нога ако ги игнорира еколошките грижи“ што се појавуваат на места како што е Трегенек, каде што жителите ветија дека ќе протестираат против какви било нови рударски проекти, што потенцијално ќе ги поништи принципите на ЕУ.
– Мислам дека мораме многу попрецизно да гледаме на долгорочните влијанија на рударските проекти врз заедниците. Ако не водиме соодветна грижа на самиот почеток, тогаш оваа идеја Европа да стане климатски неутрален континент преку обезбедување сопствени критични суровини е некако осудена од самиот почеток – предупреди Џули Клингер, асистент професор по географија на Универзитетот во Делавер.

Подготвил: Mарјан Велевски