Фото: Фејсбук/ Володимир Зеленски

Се очекува кинескиот претседател Си Џинпинг да биде вклучен во двата најважни разговори неделава, откако се шпекулира дека тој би можел да оствари видеоповик со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по средбата со рускиот лидер Владимир Путин во Москва, според известувањето во светските медиуми. Можноста за контакт помеѓу Си и Зеленски не е потврдена, но американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, истакна дека таквиот разговор би бил добредојден.

– Се очекува вториот разговор да биде напнат и непријатен. Всушност, не се очекува да постигне многу, ако воопшто и постигне нешто. А сепак, и нијансите ќе имаат значителни последици – за војната во Украина и за одбраната на глобалната дипломатија и на светскиот поредок – пишува Андреас Клут во неговата колумна за „Блумберг“.

Колумнистот на американската телевизиска мрежа се осврнува и на прашањето како Зеленски треба да пристапи кон разговорот со Си.

– Па како треба Зеленски да пристапи кон видеоповикот, како да се јави? Тој има искуство со моќници од светските суперсили што се обидуваат да манипулираат со него. Во 2019 година тоа беше поранешниот американски претседател Доналд Трамп кој се обиде да го принуди Зеленски да спроведе истрага за Џо Бајден, тогашниот претседателски противкандидат на Трамп, а потоа и наследник. Зеленски некако успеа да остане во рамки на дипломатијата, без да попушти. Повторно ќе му биде потребна таквата самодоверба и со Си, но одбивањето на кинескиот предлог не е опција. Наместо тоа, Зеленски треба да се насочи кон првата точка од планот на Си, односно на суверенитетот и територијалниот интегритет на неговата држава како основа за разговорите и да издејствува согласност од неговиот кинески колега – наведува меѓудругото Клут.

Пекинг и Киев се познаваат добро. Пред војната во Украина, Кина беше водечки трговски партнер, како и значителен пазар за украинските житарици. Згора, Кина имаше и големи инвестиции во украинската инфраструктура, вклучувајќи ги пристаништата и телекомуникациите. Зеленски исто така, порача дека ги држи отворени можностите за разговори предводени од Кина, иако ЕУ и НАТО беа исклучително скептични за кинескиот мировен план од 12 точки за ставање крај на војната во Украина.