Фото: Фликр/Бела куќа

Пред денешното судење на поранешниот американски претседател Доналд Трамп њујоршката полиција стави во состојба на подготовеност околу 35.000 полицајци.
Поранешниот претседател, кој ја мина ноќта во кулата Трамп во Њујорк пред почетокот на судењето, нестрплив е јавно да проговори за обвинението против него, наведуваат повеќемина од неговото опкружување, а пренесуваат локалните медиуми.

Иако Трамп денеска треба формално да биде уапсен, се очекува тој по читањето на обвинениото да биде на слобода и веднаш да замине за својот имот Мар-а-Лаго на Флорида.

Трамп, наводно, размислувал да и се обрати на јавноста пред судот, а советниците го повикале да го одложи обраќањето додека не пристигне на Флорида, пред се, од безбедносни причини. Меѓутоа, се чини дека Трамп сепак ќе зборува во Њујорк, но во зградата на судот.

Адвокатот на поранешниот претседател изјави дека очекува Трамп да зборува пред камерите во ходникот на судницата на Менхетен и пред и по неговото денешно сведочење.

Крис Киси, еден од адвокатите на Трамп, рече дека синоќа се сретнал со Трамп во кулата Трамп.

-Претседателот е оптимист и решен како и секогаш да се бори против оние кои создаваат неправда – рече Киси.

Можно е и Трамп да зборува во Мар-а-Лаго. Во секој случај, Трамп сака јавно да го објави својот случај додека продолжува да го напаѓа окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, пренесува Си-ен-ен .

Пред појавување пред судија под обвинение дека и платил 160.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс за да молчи за афера со него, Трамп испрати е-пошта во која ја изрази својата загриженост дека САД стануваат „марксистичка земја на третиот свет“ и оцени дека денеска е трагичен ден за „нашата Република“.

Во е-поштата со наслов „Мојата последна е-пошта пред моето апсење“, испратена до луѓето од неговата листа за е-пошта, во која се наоѓа и линкот за собирање средства, Трамп од нив побарал „да дадат свој придонес за да ја спасат Америка“, пренесува Би-би-си.

Трамп потоа оваа порака ја објави на својата социјална мрежа „Вистина“ во која ја критикува локацијата во Њујорк каде што треба да се појави на судење како „многу неправедно место“, бидејќи, како што тврди, во некои области само еден процент гласачи гласале за републиканците.

Трамп, исто така, судијата пред кого треба да се појави го нарече „многу пристрасен“ и ги обвини него и неговото семејство дека се знае дека го мразат.

Снимателот на Трамп патувал со него од Флорида до Њујорк за да документира се што се случувало зад кулисите на предавањето на поранешниот американски претседател, јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на два извори запознаени со плановите на Трамп.

Синоќа, по македонско време, судот објави дека новинските куќи нема да можат да го пренесуваат во живо ссослушувањето. Судијата го отфрли барањето на неколку медиумски куќи, вклучително и Си-ен-ен за пренос во живо. На пет фотографи, сепак, ќе им биде дозволено да ги фотографираат Трамп и судницата пред да започне сослушувањето.