Доколку во Киев се појават ловци Ф-16 кои можат да носат нуклеарно оружје, Русија тоа ќе го смета за закана во нуклеарната сфера, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Ги информиравме нуклеарните сили на САД, Велика Британија и Франција дека Русија не може да го игнорира фактот дека овие авиони се способни да носат нуклеарно оружје. За време на борбените операции, нашите војници нема да анализираат дали секој конкретен авион од тој тип е опремен со нуклеарно оружје или не „Самиот факт за појава на такви авиони во вооружените сили на Украина ќе се смета за закана од Западот во нуклеарната сфера – рече Лавров во интервју за онлајн весникот „Лента.ру“.
– САД и нивните сателити во НАТО создаваат ризици од директен вооружен конфликт со Русија, а тоа може да има катастрофални последици – предупреди Лавров.
САД во мај одобрија испорака на авиони Ф-16 на Киев. Датумот на испорака и нивниот број сè уште не се утврдени. Украина минатата недела соопшти дека ќе биде формирана „коалиција“ од 11 земји кои ќе ги обучуваат нејзините пилоти за авионите.
Руската нуклеарна доктрина предвидува „строго одбранбена“ употреба на атомско оружје во случај на напад врз Русија со оружје за масовно уништување или напад со конвенционално оружје „што го загрозува самиот опстанок на државата“.