Екипа инспектори денеска кај Истанбул се качи на првиот брод со жито што под воени околности исплови од украинските пристаништа, со дестинација за Либан.
Согласно договорот постигнат со посредство на ОН чија цел е ублажување на глобалната криза со храна, бродот „Разони“ кој денеска исплови од украинското црноморско пристаниште Одеса, со 26.527 тони пченка за Триполи.
Бродот од синоќа е закотвен на влезот на Босфорскиот Теснец.
Пловидбата беше овозможена откако Анкара и Обединетите нации посредуваа за договорот за извоз на жито и ѓубрива постигнат меѓу Москва и Киев минатиот месец, што се смета за дипломатски исчекор во конфликтот.
Инспекцијата на Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) сместен во Истанбул се очекува да заврши околу пладне, а не е познато кога бродот ќе продолжи со пловидба до крајната дестинација.
Портпаролот на ОН Стефан Дујарик изјави дека за денеска се планирани повеќе испловувања од Украина, појаснувајќи дека со договорот за извоз е уредена пловидба на околу 27 бродови.
Високопоставен турски функционер вчера изјави дека Анкара очекува од три украински пристаништа на Црното Море да испловува барем еден брод дневно.