Фото: Принтскрин / Илустрација

Големиот пожар што уништи неколку магацини и го покри пристанишниот германски град Хамбург со црн чад, сè уште не е изгаснат по околу 27 часа од избивањето, соопшти денеска портпаролот на локалната полиција. Тој додаде дека денеска продолжуваат операциите за гаснење на огнот.

Причината за пожарот и вредноста на оштетениот имот остануваат непознати, изјави портпаролот. Во пожарот нема жртви. Магацинскиот комплекс на дилер на автомобили во областа Ротенбургсорт на реката Елба, се запали вчера откако прво пламнале возила, машини за перење и други стоки кои биле складирани надвор. Потоа се запалиле неколку контејнери во кои имало запаливи течности.

Огромниот облак чад што се создаде од пожарот го покри градот со црн облак, што предизвика предупредувања од локалните власти за штетни гасови. Локалниот и меѓуградскиот сообраќај на истокот од градот неколку часа беше ограничен.