Фото: Антонио Гутереш/официјален инстаграм профил

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш го осуди „неуспехот“ на меѓународната заедница да ги „заштити“ цивилите од вооружени конфликти.

Бројот на жртви во конфликтите и хуманитарните последици од тие конфликти низ светот меѓу 2021 и 2022 година се зголемија за повеќе од 50 проценти.

-Вистината е страшна: светот не ги исполнува своите обврски за заштита на цивилите, обврска загарантирана со меѓународното хуманитарно право – изјави синоќа Гутереш пред Советот за безбедност.

Состанокот на Советот за безбедност се одржа на барање на мајскиот претседавач- Швајцарија, за да се разговара за извештајот на генералниот секретар за „заштита на цивилите во вооружени конфликти“.

Според документот, „во 2022 година, ОН забележале најмалку 16.988 цивилни жртви во 12 вооружени конфликти, што е зголемување за 53 отсто во споредба со 2021 година“.

-Само во Украина, Обединетите нации имаат податоци за 7.957 убиени цивили и 12.560 повредени, иако овие бројки се веројатно поголеми – рече Гутереш пред СБ на ОН во Њујорк.