Фото: Пекселс

Една нова германска студија пронајде потенцијални одговори на старите прашања: Што го поттикнува стареењето и што можеме да направиме за да го забавиме?

И покрај вековното истражување и напредок во медицината, сè уште има многу мистерии кои остануваат нерешени, а главна меѓу нив е разбирањето на она што го предизвикува стареењето и како можеме да го забавиме или да го „вратиме во рикверц“, пишува „Евроњус“.

Новата студија на тим научници од Германија, објавена во научното списание „Нејчр“, можеби конечно ги најде одговорите на овие прашања. Имено, истражувачите од Универзитетот во Келн во Германија не само што открија дека генската транскрипција – процесот во кој клетката прави РНК копија на влакно на ДНК – станува побрза со возраста, но помалку прецизна и поподложна на грешки, тие исто така открија дека одредени процеси би можеле да ни помогнат да го запреме ова назадување.

-Ова е, досега, единствениот момент на еурека во мојот живот. Мислам, ова е вид на откритие што не го правите секој втор ден – рече д-р Андреас Бејер, водечки истражувач, нарекувајќи ги наодите „ големо откритие“.

Претходните студии, објаснува тој, поставувале прашања како „Кога старееш, кои гени се вклучуваат и кои гени се исклучуваат? и „Како тоа ја менува регулацијата или метаболизмот во клетката?”. Но, никој не прашуваше како самиот процес на транскрипција се менува додека старееме, линија на истражување што може да даде увид и на крајот да ни помогне да го смениме или запреме пропаѓањето.

Транскрипција – клучот за здраво стареење

Транскрипцијата е фундаментална за истражувањето на Бејер, бидејќи тоа е процес во кој клетката прави РНК копија на парче ДНК.

Оваа копија е важна затоа што ги носи генетските информации потребни за создавање на нови протеини во клетката. Протеините го одредуваат здравјето и функцијата на клетките, а клетките потоа ги структурираат сите живи суштества.

-Во текот на нашиот живот, нашите клетки се регенерираат, „но секоја клетка е различна, а она што ги прави различни се различните гени што се активираат во неа. Оваа активација се нарекува транскрипција – објаснува Бејер.

-Треба да создадете точна количина на транскрипти за секој ген и да имате точна копија од генската секвенца, но исто така, треба да ги активирате точните гени што и се потребни на клетката за да функционира како што треба – додава тој.

Постојат многу различни типови на клетки во човечкото тело: нервни клетки, мускулни клетки, крвни клетки, клетки на кожата итн. И бидејќи секоја клетка исполнува различна функција, различен сет на гени се активираат (транскрибираат) во секој тип на клетка.

„Машината“ – како што ја нарекува Бејер – одговорна за правење на транскрипциската копија на генските секвенци се нарекува Пол II (РНК полимераза II).

Неговиот тим откри е дека процесот на транскрипција станува побрз како што старееме, а оваа забрзана транскрипција предизвикува Пол II да прави повеќе грешки, што доведува до суштински „лоши“ копии кои можат да доведат до бројни болести.

Ако Пол II стане премногу брз, прави повеќе грешки, а потоа секвенцата повеќе не е идентична со секвенцата на геномот. Последиците се слични на она што го имате кога има мутации во самиот геном – вели Бејер.

Фото: Пиксабеј

Да се запрат лоши клеточни копии

Претходните истражувања веќе докажаа дека нискокалоричните диети и инхибирањето на инсулинската сигнализација – блокирање на сигналот помеѓу инсулинот и клетките – може да го одложат стареењето и да го продолжат животниот век кај многу животни.

Во своите експерименти тимот на Бејер се обиде да открие дали тие имаат некакво влијание врз забавувањето на брзината на Пол II и намалувањето на бројот на неисправни копии. Резултатите од вкрстените животински видови потврдија дека тоа станува збор за општ феномен кој се однесува генерално на стареењето, а не само кај специфични организми, како на пример, мувите.

-Нашата студија вели дека, меѓу другото, промените како здравата исхрана или ограничувањето на калориите, ќе го подобрат квалитетот на транскрипцијата на производството на РНК во клетката. И сето тоа потоа ќе има корисни ефекти за клетките на долг рок – потенцира Бејер.

Според него, наодите од студијата може да ни овозможат подобро да го разбереме стареењето, да разбереме што е она што се случува кога старееме и на крајот, подобро да ги разбереме интервенциите, што отвора нови можности за одложување на стареењето или здраво стареење.