Украина

Војник на Националната гарда во Украина уби пет лица и рани уште пет во градот Днипро, на истокот на земјата, соопшти Министерството за внатрешни работи. Дваесет и едногодишен маж отвори оган додека членовите на гардата земаа оружје во фабриката каде што се произведуваат ракети и возила за лансирање ракети „пивденмаш“. Една од жртвите е припадник на Националната гарда на Украина. Војникот Артем Рјабчук побегнал од местото со пушка „калашников“. Володимир Шајло од Државното биро за истраги, за РСЕ изјави дека Рјабчук бил приведен во близината на едно село во регионот. Тој посочи дека мотивот за пукањето сè уште е непознат.
„Артем Рјабчук беше приведен од полицијата во регионот Дњепропетровск. Ќе се соочи со најстрога казна според законот. Тој беше регрутиран да научи како да ја брани земјата и да се грижи за безбедноста, а не да пука во своите колеги“, изјави министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, кој најави формирање комисија што ќе го испита целиот случај.
„Пивденмаш“ – познат како Јужмаш во советскиот период – е фабрика во државна сопственост.