„Фолксваген“, најголемиот европски производител на автомобили, се соочува со сериозни предизвици, кои би можеле да доведат до затворање производствени погони и намалување на работните места
Автоиндустријата на Германија тешко загрозена од економски проблеми во низа од повеќеслојната неколкугодишна криза
Интерен меморандум до сите административни канцеларии и производствени погони во групацијата „Фолксваген“ ги вознемири сите вработени во германскиот автомобилски гигант. Имено, од највисокото управувачко тело на компанијата е испратен официјален допис за информирање на вработените дека „компанијата се соочува со зголемени трошоци и намалена побарувачка, особено на кинескиот пазар, што ја принудува да преземе дополнителни мерки за штедење за да обезбеди долгорочен успех“.
Извршниот директор на брендот „Фолксваген“, Томас Шефер, во врска со дописот, во јавноста изјави дека „спротивните ветрови станаа значително посилни“, што бара зголемени напори за оптимизирање на трошоците.
И покрај веќе објавената програма за штедење од 10 милијарди евра и кратење на работните места, „Фолксваген“ сега мора да преземе дополнителни активности поради разочарувачките резултати во август, кои покажаа значаен пад на профитот.
Во споменатиот документ се наведува дека „одборот на директори на компанијата одлучил сите брендови во рамките на ’Фолксваген‘ да бидат подложени на сеопфатно реструктурирање“. Ова вклучува оптимизирање на производот, материјалот, продажбата и трошоците за производство и за работна сила, со веројатност и за „затворање на фабриките како последна опција“. „Фолксваген“ и понатаму продолжува со трендот за намалување на работните места и нагласува дека „едноставните мерки за намалување на трошоците“ веќе не се доволни во сегашната ситуација. Управниот одбор на „Фолксваген“ истакнува дека групацијата „мора да преземе решителни чекори за да остане конкурентен на глобалниот пазар“! Р.С.