Фото: Твитер/Владимир Зеленски

Одлуката на премиерите на Полска, Словенија и Чешка да отпатуваат денеска во Киев и на тој начин да ја поддржат Украина во ек на руската агресија е подготвена во тајност, а тоа е ризичен и многу храбар потег на Јанез Јанша, Петр Фијала и Матеуш Моравјецки, пишува словенечкиот неделник „Демокрација“.

– Посетата е подготвена во строга тајност, а тие патуваат со воз за да се сретнат со украинскиот претседател Владимир Зеленски, кога смртта демне на украинско тло на секој чекор. Тоа е ризичен, но храбар, многу храбар чин – пишува весникот.

Сепак, тоа е инвестиција во слободата и суверенитетот на земјите најблиски до агресивната Русија, стои во коментарот на главниот уредник на неделникот Јоже Бишчак, кој додава дека поради ситуацијата во Киев каде руската армија продолжува со напади, локацијата и времето на средбата не се познати.

На пат тргна и претседателот на полскиот Комитет за национална безбедност и одбрана Јарослав Качински. Патувањето до Киев со воз беше организирано во договор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел.