Фото: ЕПА

Самитот на БРИКС во Јужна Африка и кинескиот предизвик за Европа како повод

Јужноафриканскиот претседател на самитот на БРИКС оваа недела упати клучна порака дека државата „сака да извезуваме готови производи, а не карпи и песок“. Сирил Рамафоза ја истакна важноста на суровините, како што се литиум, кобалт и никел, и тврдеше дека нивната обработка треба да се одвива во Африка.

Земјите во развој сѐ повеќе се решени да се движат нагоре во глобалните синџири на вредности. За таа цел, многу лидери бараат да ги диверзифицираат своите односи и со тоа да ја намалат нивната зависност од Западот, се наведува меѓу другото во анализата на електронскиот медиум ЕЦФР.

Како потврда на овие зборови е фактот дека повеќе од 60 влади беа поканети на годинешниот самит, заедно со Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.
Кина долго време се претставуваше како подобар партнер за земјите во развој од поранешните колонијални сили. Ова е дел од геополитичката борба и не е секогаш поволно за локалниот развој, но кинеските понуди за финансирање и соработка често се привлечни за политичките елити во Африка, Латинска Америка и во Азија.

Европејците доцнеа да одговорат на иницијативата за инфраструктурниот проект на Пекинг познат како „Појас и пат“. Одговорот на Европската Унија (ЕУ) на кинеската иницијатива наречен „Глобална порта“ сè уште нема стратегиско планирање и доволно ресурси. Други мерки на ЕУ, како механизмот за приспособување на јаглеродните емисии, исто така создаваат тензии, како што е очигледно во нападот на бразилскиот претседател врз „зелениот неоколонијализам“ на самитот.

Во меѓувреме, Кина се прошири од финансирање на инфраструктурата до поширока соработка, делумно во рамките на нејзината иницијатива за глобален развој. Голем број талентирани млади луѓе од земјите во развој студираат на кинеските универзитети под поволни услови. Кина инвестира во заедничко истражување, демонстративни проекти и развој на локални вештини.

ЕУ и нејзините земји-членки им ветија на глобалните јужни држави соработка за индустрискиот развој, како на пример кога тие склучија договори за критичните суровини и енергијата (вклучувајќи го и водородот). Сепак, соработката трае предолго за да се оствари. Кинеските инвеститори покажуваат силен интерес за плановите на Јужна Африка да го зголеми производствениот капацитет за технологија за обновливи извори на енергија и електрификација на транспортот. Спротивно на тоа, Европејците остануваат бавни во поддршката на зелениот иновативен екосистем на земјата и локалното сертифицирање на зелената технологија. Слична е ситуацијата и на други места на глобалниот југ и за други прашања, како што е дигитализацијата.