Фото/Илустрација: Пиксабеј

Европската Унија планира да одвои 100 милиони евра компензација за земјоделците во земјите кои граничат со Украина и планира да воведе ограничувања за увоз на украински житарици, соопшти денеска Европската комисија.

Како што пренесува Јаху њуз, притисокот врз ЕУ да го реши прашањето за падот на цените поради увозот на поевтини украински житарици на територијата на целата Унија се зголеми откако Полска и Унгарија воведоа забрани за увоз на одредени житарици од Украина во текот на викендот, а денеска истото го направи и Бугарија. И други источноевропски земји најавија слични мерки.

Европската комисија е одговорна за трговската политика на Унијата, а медиумите посочуваат дека, како што ЕК ги нарече „превентивни мерки“ се подготвуваат за одредени категории жито и растително масло, пред се за пченица, пченка, семки од сончоглед и семе од репка.

Според правилата, Европската Унија може да го ограничи увозот на производ во Унијата или дел од неа, а сепак да дозволи транзит.

Европскиот комесар за трговија Валдис Домбровскис подоцна денеска ќе разговара за ова прашање со министрите од земјите чии пазари се погодени, вклучително и Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка, како и со украинските колеги.