Вулкан на полуостровот Рејкјанес на Исланд еруптираше по четврти пат од декември, исфрлајќи големи количини лава во воздухот, што предизвика евакуација на локалните жители и прогласување вонредна состојба.
Се верува дека тоа е најсилната ерупција од декември, а лавата стигнала до источните одбранбени ѕидови околу евакуираниот град Гриндавик, објавија локалните медиуми.
Луѓето беа евакуирани и од популарното туристичко место, спа центарот „Сина лагуна“ (Blue Lagoon). Засега воздушниот простор над Исланд е отворен, јави „Би-би-си“.
Вулканот последен пат еруптираше на почетокот на февруари, што доведе до прекин на централно греење за 20.000 луѓе, додека лавата уништи патишта и цевководи.
Тоа е седма ерупција во областа Рејкјанес од 2021 година. Исланд е сеизмичко и вулканско жариште, бидејќи се наоѓа помеѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, кои се движат во спротивни насоки.