Фото: Официјална страница на турскиот претседател

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска, на годишнината од војната во Украина, оствари телефонски разговори со својот руски и француски колега Владимир Путин и Емануел Макрон.

Во разговорот со Путин турскиот претседател повика на „праведен мир“ во Украина, соопшти неговиот кабинет.

Претседателот Ердоган ја истакна потребата од постигнување праведен мир за да се избегне натамошната загуба на човечки животи и уништувањата, се наведува во кусото соопштение од неговиот кабинет.

Од почетокот навојната, Ердоган се обидува да балансира меѓу Киев и Москва.

Во септември минатата година тој понуди и посредување со цел да се реши кризата околу нуклеарната централа Запорожје.

Анкара испрати беспилотни летала во Киев, но турската Влада одби да се приклучи на западните санкции против Русија.

Турскиот претседател неколкупати се сретна со Путин и е во редовна комуникација со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој денеска оствари и телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, кој му кажа дека е неопходно „да се зајакне притисокот и изолацијата на Русија“ за таа да се откаже од својата агресија врз Украина.

-Во оваа смисла, шефот на државата го истакна предизвикот за борба против какво било заобиколување на воведените санкции – додаваат од Елисејската палата.

Макрон, исто така, кажа дека „приоритет треба да биде да се зајакне поддршката за Украина за да и се овозможи да победи“ во војната против Москва.

Претседателите Макрон и Ердоган „ја повторија својата непоколеблива посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и „разговараа за корисни активности што би можеле да се преземат за доброто на цивилното население и во корист на враќање на мирот што ќе се постигне со целосно почитување на легитимните права на Украина“, се наведува во соопштението од кабинетот на францускиот претседател.