Илустрација (Фото: Принтскрин)

Тим експерти на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се упати кон окупираната нуклеарка Запорожје, што се наоѓа во јужниот дел на Украина, изјави генералниот директор Рафаел Гроси, јави ДПА.

-Дојде денот, мисија за поддршка и помош на Запорожје, од страна на МААЕ, сега е во тек – напиша тој на Твитер.

Како што пишува Гроси, мора да се заштити „безбедноста и сигурноста на најголемата нуклеарна централа во Украина, но и во Европа“.

-Горд сум што ќе ја водам оваа мисија што ќе биде во нуклеарната централа Запорожје подоцна неделава – додава генералниот директор на МААЕ.

Според агенцијата, експертите на МААЕ ќе ја проценат физичката штета на нуклеарката, ќе ја утврдат функционалноста на безбедносните системи, ќе дадат оценка за условите на персоналот и ќе извршат итни безбедносни проверки.