Фото: Зеленски/инстаграм

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска изјави дека отпатувал во Вашингтон за да им се заблагодари на САД за помошта во војната против Русија.

 – Денеска сум во Вашингтон за да му се заблагодарам на американскиот народ, претседателот и Конгресот за помошта што очајно и е потребна на Украина. И да ја продолжиме соработката, за да се доближиме до нашата победа – напиша Зеленски во објавата на социјалната мрежа Телеграм.
Тој додава дека ќе одржи серија преговори за зајакнување на стабилноста и одбранбените способности на Украина.
 – Со претседателот Бајден особено ќе разговарам за билатералната соработка меѓу Украина и САД. Следната година мора да го вратиме украинското знаме на територијата на целата наша земја – додаде Зеленски.
Зеленски денеска пристигна во Вашингтон, каде треба да се сретне со американскиот претседател Бајден и да се обрати пред членовите на американскиот Конгрес.