Судовите, донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес да ги објавуваат на веб страницата на судот, гласи начелниот став на Врховниот суд на Република Македонија, утврден на денешната општа седница.

Начелниот став на Општата седница, како што информираат бил, предложен од претседателот на Врховниот суд, Беса Адеми.

– Достапноста до судските одлуки е особено значајно за судската, стручната, медиумската и граѓанската јавност. Со ова, преку конкретно решавање на правното прашање, се исполнуваат целите на транспарентноста, систематизирани во Уставот како највисок правен акт, во нормативната рамка на процесните и системските закони, Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човекови права – образложи претседателката на Врховниот суд, се вели во соопштението.

Врховниот суд го донесе Начелниот став врз основа на член 37, став 1, алинеја 1 и 3 од Законот за судовите, според кои Општата седница утврдува начелни ставови и разгледува прашања во врска со работата на судовите. Исто така, Општата седница донесе Заклучок за поднесување Иницијатива до Министерството за правда за измени на одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, информираат од Врховен суд.