Поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон изјави дека претседателот на Русија, Владимир Путин му се заканувал со ракетен напад во текот на вонреден телефонски разговор пред отпочнувањето на руската специјална операција во Украина, во февруари минатата година.
Џонсон, во документарец на „Би-би-си“ за разговорите на Путин со светските лидери, рече дека Путин му рекол дека таков ракетен напад ќе трае „само една минута“.
Тој додаде дека не е сигурен дали заканата е „сериозна“.
Како што се наведува, Путин ова му го кажал на Џонсон откако поранешниот британски премиер го предупредил за време на многу долг разговор во февруари 2022 година дека војната ќе биде „тотална катастрофа“.
Џонсон истакна дека му рекол на Путин оти инвазијата на Украина ќе доведе до санкции против Москва и повеќе војници на НАТО на руските граници.
Тој исто така рече дека се обидел да ја одврати руската воена акција со тоа што му кажал на Путин дека Украина нема да се приклучи на НАТО „во блиска иднина“.
Кремљ го нарече Борис Џонсон лажго и ги негираше тврдењата на поранешниот британски премиер дека рускиот претседател Владимир Путин му се заканил дека ќе го убие со проектил во повикот пред руската инвазија на Украина, јави „Скај њуз“.
– Тој не ја кажува вистината, или да бидам попрецизен – лаже. Немаше закани со проектили. Тоа е или намерна лага, па мора да го прашате г-дин Џонсон зошто избрал да го каже тоа така, или е несвесна лага и тој всушност не разбрал за што Путин зборувал со него – изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека Путин му рекол на Џонсон ако Украина се приклучи на НАТО, тоа би значело дека американските или НАТО ракетите поставени во близина на границите на Русија ќе можат да стигнат до Москва за неколку минути и посочи дека можеби имало недоразбирање.
– Ако така е разбран овој пасус, тогаш тоа е многу непријатна ситуација – додаде Песков.
Џонсон, кој стана клучен поддржувач на администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во месеците по инвазијата на Русија, го искажа ова тврдење како дел од новата серија на „Би-би-си 2“, која се занимава со тоа како Западот се борел со Путин во годините пред војната.