Мурали со ликовите на ликвидирани лидери на Хамас и Хезболах / Фото: ЕПА

Феноменот на брза регенерација на „терористичките организации“ (како такви прогласени од САД) по убивањето на нивните водачи беше многу карактеристичен во изминатите две децении. Таквото искуство на Блискиот Исток фрла сосема ново светло кон методите и ефектите од политиките на Израел за „инсистирање физичко ликвидирање лидери на противничките воено-политички организации“ (Хамас и Хезболах). Сепак, Израел продолжува со едни такви оперативни акции во поширокиот регион на Блискиот Исток. Имено, во последниве месеци Израел ликвидира осум од највисоките воени и политички лидери на Хамас и на Хезболах. Израел ги окарактеризира како значителен воен успех атентатите врз лидерите на Хамас, Јахја Синвар, односно на Хезболах, Хасан Насрала. Но познавачите на состојбите сметаат дека таквиот „триумфализам“ не е одржлив

Анализа на ефектите од политиките на физичко елиминирање на водачите на Хамас и на Хезболах од страна на Израел

Глобалните терористички напади организирани од водачот на Ал каеда во Ирак, Абу Мусаб ал-Заркави, ќе продолжат дури и ако тој биде заробен или убиен, предупреди пред речиси две децении доверлива анализа на Одбранбено-разузнавачката агенција (ДИА). Заркави беше убиен во американски воздушен напад во Ирак во 2006 година, што тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш го нарече „тежок удар за Ал каеда“. Влијанието и моќта на терористичката организација потоа опаднаа, но нејзините „остатоци“ потоа еволуираа во ИСИС, која привлече десетици илјади борци. Тие потоа воспоставија т.н. калифат врз територија населена од осум милиони луѓе, кој опстана речиси пет години под владеење на терористичката организација.

Eлиминацијата на лидерите поттикнува
поголем екстремизам

Тенденцијата терористичките движења гонети од САД да се регенерираат по големите неуспеси, дури и откако нивните водачи се убиени, беше траен модел во изминатите две децении. Таквото искуство на Блискиот Исток дава застрашувачко предупредување за поширокиот регион, каде што во последниве месеци Израел ликвидира осум од највисоките воени и политички лидери на Хамас и на Хезболах. Израел ги окарактеризира како значителен воен успех атентатите врз лидерите на Хамас, Јахја Синвар, односно на Хезболах, Хасан Насрала. Но познавачите на состојбите сметаат дека таквиот „триумфализам“ не е одржлив.
– Поразот може да се дефинира само од страната што е навидум поразена, а не од претпоставениот победник. Ако некој се чувствува поразено, тој е поразен. Ако не, човек се бори понатаму. Ништо во сегашниот конфликт не укажува на тоа дека Хамас, Хезболах или нивните ирански поддржувачи се чувствуваат поразено – предупреди Рајан Крокер, поранешен амбасадор на САД во Либан, Сирија, Ирак, Авганистан, Пакистан и во Кувајт, во изјава за „Њујоркер“.
Слично мислење има и Пол Салем, потпретседателот на Институтот за Блискиот Исток со седиште во Бејрут, Либан.
– Елиминирањето на водството на непријателите е еден вид Пирова победа бидејќи воените кампањи само ги подигнаа ѕидовите на омразата и поттикнаа поголем екстремизам како став и кај Израелците и кај Арапите низ регионот. Доколку Израел не понуди одржлив план што на Палестинците им обезбедува формален политички простор во замена за безбедност, опасноста од ескалација се зголемува – објаснува Салем.
Палестинскиот политиколог Калил Шикаки ​​вели дека убивањето на противничките водачи обезбедува „привремено задоволство“, но „не е веројатно дека ќе ги ослабне групите“ што имаат јавна поддршка.

Хамас и Хезболах се регенерираат многу брзо, и покрај загубите на своите лидери

Моделот на предвремено фалење со „успешни“ атентати е веќе виден. Во 2011 година во смел напад на специјалните сили беше убиен лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен, чија смрт тогашниот американски претседател Барак Обама ја опиша како решителен чекор кон соборување на талибанските власти во Авганистан. Талибанците, сепак, се вратија на власт во 2021 година, откако го принудија падот на владата во Кабул, поддржана од САД. Обединетите нации годинава објавија дека талибанците повторно ја помагаат Ал каеда, која сега води осум кампа за обука и пет медреси во Авганистан.
Во 2019 година, по повод смртта на основачот и водач на ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади, поранешниот американски секретар за одбрана Мајк Еспер рече: „Кога ќе елиминирате таков лидер, тоа ќе има големо влијание врз организацијата“. Меѓутоа, пет години подоцна, американската разузнавачка заедница даде остро предупредување во својата најнова процена на заканите. Иако Ал каеда е на „најниска оперативна точка“ во Авганистан и Пакистан, а ИСИС „претрпе каскадни загуби на лидерството“ во Ирак и Сирија, нивните регионални филијали „ќе продолжат да се прошируваат“.
Се проценува дека Хамас и Хезболах ќе опстанат во одреден облик, и покрај загубите претрпени во последниве месеци, имајќи предвид дека незадоволството на заедниците што тие ги претставуваат само ќе се продлабочи во услови на физичко уништување во Газа и во Либан. Во исто време, позначајните удари врз Хамас и Хезболах, кои беа доминантни политички сили и обезбедуваа основни социјални услуги за населението на Газа и на Либан, може да создадат опасни вакууми, се заклучува во процените на американското разузнавање. Р.С.


Несогласувањата со Нетанјаху резултираа со смена на Галант

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го смени министерот за одбрана Јоав Галант по неколкумесечни судири околу внатрешната политика и воените напори на Израел, пренесуваат светските медиуми. Досегашниот министер за надворешни работи Израел Кацер ќе стане министер за одбрана, додека него ќе го замени Гидеон Саар. Ниту еден од нив нема долгогодишно воено искуство, иако Кац служеше во владиниот кабинет во текот на војната. Владината реконструкција следува во клучен момент за Израел, кој води војни во Газа и во Либан додека чека потенцијален одмазднички напад од Иран.
Нетанјаху по соопштувањето на одлуката истакна дека „довербата меѓу него и министерот за одбрана е нарушена“. Тој кажа и дека „направил многу обиди“ да ги премости разликите со Галант, но дека тие „постојано се проширувале “.
Набрзо откако Нетанјаху го објави соопштението за смена на Галант, опозициските лидери ги повикаа Израелците да излезат на улиците во знак на протест.