Фото: Приватна архива/Александар Деспотовски

Секојдневниот живот во Москва се одвива вообичаено и не се чувствуваат особени последици од воените судири во Украина, при што основен проблем претставува неможноста за купување девизи, додека значително поскапеа и увозните производи, односно апаратите за домаќинство, истакнува Александар Деспотовски кој живее и работи во Москва веќе 15 години, опишувајќи ја моментната состојба во главниот град на Русија за „Нова Македонија“.

– Состојбата е нормална. Не се чувствуваат некои особени последици од воените судири во Украина. Нема недостиг на храна и на други основни намирници. Цените на храната и на другите продукти за домаќинствата се незначително покачени, додека цените во баровите, рестораните и другите угостителски објекти не се поскапени – наведува Деспотовски.

По отпочнувањето на конфлитот во Украина, Русија се соочува со строги економски санкции воведени од страна на САД и нивните сојузници, кои имаат за цел да ја изолираат од глобалниот финансиски систем, што во извесна мера се одразува и врз нејзиното население. Се забележува значително зголемување на цените на апаратите за домаќинство, а двојно се поскапени и паметните телефони на „Епл“.

– Покачувањето на цените се чувствува во продуктите кои се увезуваат, најчесто паметните телефони, како и друга техника за домаќинствата – фрижидери, телевизори и друг. Покачувањата особено се видливи за паметните телефони од марката „Епл“, каде што има зголемување на цената за 100 отсто. Пред воените дејствија цената беше околу 120.000 рубљи, а сега цената е 240.000 рубљи (околу две илјади евра – н.з.). За другите производи има покачување за околу 30, 40 до 50 отсто – вели Деспотовски.

Неможноста за купување на девизи и за вршење на финансиски трансакции во странство ги спречуваат Русите да испратат помош и кај роднините во Украина.

– Основен проблем со кој се соочува секој Русин е неможноста да купи девизи, како што се доларот или еврото. Само банките имаат право да купуваат странски девизи, но не и да продаваат. Русите не можат да испраќаат пари во странство преку банките. На пример, Русин кој живее во Москва не можел да му испрати пари на својот брат кој живее во Украина. Неговиот брат со семејството поради воените дејствија го напуштил својот дом и се засолнил во внатрешноста на Украина, а потоа побарал помош од брата си кој живее во Москва, бидејќи кириите во Украина се многу поскапени – посочува Деспотовски.

Владите на државите-членки на ЕУ ќе ја разгледаат можноста за воведување ембарго на нафта кон Русија поради оружениот конфликт во Украина, а предвидено е европските лидери оваа седмица да одржат серија средби со американскиот претседател Џо Бајден посветени на западните санкции против Москва. На тој начин се очекува да се зголеми притисокот врз Русија, а со тоа и врз нејзиното население. Д.Ст.


Србите во Москва изразуваат поддршка за Русија

Србите кои живеат во Москва јавно даваат поддршка на Русија во текот на оружениот конфликт во Украина, организирано излегувајќи со српски и руски знамиња на улиците на главниот руски град, што може да се забележи и преку фотографиите и видеоснимката што ни ги испрати Александар Деспотовски. Во Белград исто така, неодамна имаше неколку организирани собири за поддршка на Русија, но и за Украина.