Шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел смета дека прекинот на работата на рускиот весник „Новаја Газета“ е резултат на систематска пресметка на руските власти со независните медиуми во Русија, вклучително и меѓународните медиуми и социјалните мрежи.
– Оваа медиумска цензура е поврзана со манипулација и дезинформирање на руската јавност од страна на државните медиуми во контекст на неиспровоцираната и неоправдана војна на Русија против Украина-нагласи Борел.
Во писмена изјава тој вели дека „Новаја Газета“ е новинарска институција чија работа е признаена надвор од Русија и чие име се поврзува со имињата на главниот уредник Дмитриј Муратов, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 2021 година и Ана Политковскаја која беше убиена во центарот на Москва во 2006 година, како и пет други новинари на „Новаја Газета“ кои со живот платија за нивната храбра работа.
– Европската унија ги пофалува независните медиуми во Русија и индивидуалните новинари кои ги бранат вредностите на демократијата, владеењето на правото и слободата. Оние кои се обидуваат да го информираат рускиот народ за војната што руското раководство ја води против Украина, вклучително и воените злосторства извршени од руската армија, а кои се под истрага на Меѓународниот кривичен суд-наведува Борел.
Тој заклучува дека ЕУ ќе продолжи да се спротивставува на кампањите за дезинформација на Кремљ и да ги поддржува руските независни медиуми и новинари.