Полска

Подготвил: Mарјан Велевски

Премиерите на Полска и на Данска во полскиот град Голењов, свечено го отворија новиот гасовод поставен на дното на Балтичко Море. Новиот гасовод „Балтик пајп“ од 1 октомври ќе ги поврзува Полска и Данска и понатаму Норвешка, како стратегиски проект што го ослободува тој дел од Европа од зависноста од испораките на руски гас, соопшти Европската комисија (ЕК).

– Денес можеме со целосно убедување да кажеме дека ерата на руска доминација во испораката на гас, ера обележана со уцени и закани, е при крај. Почнува нова ера на суверенитет и безбедност во поширока смисла – рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки на отворањето.

Балтичкиот гасовод ќе транспортира до 10 милијарди кубни метри гас годишно од Норвешка до Полска, додека три милијарди кубни метри ќе се транспортираат од Полска до Данска.

– Балтичкиот гасовод е клучен проект за безбедноста на снабдувањето на регионот и е резултат на аспиративната политика на ЕУ за диверзификација на изворите на гас. Гасоводот ќе игра вредна улога во ублажувањето на актуелната енергетска криза – рече европскиот комесар за енергетика Кадри Симсон.

– Проектот ја подобрува диверзификацијата на снабдувањето со гас во Централна и Источна Европа и во балтичките земји со отворање нова увозна маршрута од Северно Море до Европската Унија – соопшти ЕК.

Балтичкиот гасовод е проект од заеднички интерес, започнат во 2013 година. Трошоците за оваа стратегиска инвестиција се зголемија од првичните 1,6 милијарда евра на околу две милијарди, а проектот е кофинансиран и од ЕУ со околу 267 милиони евра од фондот „Поврзување на Европа“. Гасоводот од Норвешка преку Данска до Полска долг 900 километри, во целата траса ќе биде пуштен во употреба на 1 октомври, во првите три месеци со само 30 отсто од капацитетот, што вообичаено изнесува десет милијарди кубни метри гас годишно.

Данскиот оператор на балтичкиот гасовод „Енерџинет“ објави дека со полн капацитет ќе биде пуштен во употреба од крајот на ноември годинава, што е нешто повеќе од еден месец порано од планираното. Притоа е соопштено дека проектот наишол на неколку големи предизвици.
– Како и другите, и ние бевме погодени од пандемијата на ковид-19 и геополитичката ситуација во Европа. Покрај тоа, лошото време влијаеше на градежништвото во одредени периоди – рече Торбен Брабо, директор за меѓународни односи во „Енерџинет“.

Делот на „Енерџинет“ од големиот проект се состоеше од 105 километри гасоводи во Северно Море, околу 210 километри гасоводи под земја низ Данска и проширување на приемниот терминал во Нибро и нова компресорска станица во Евердруп.
Во неговата реализација учествуваа „Енерџинет“ и полскиот гасоводен оператор „Гас-систем“, а е кофинансиран од фондот „Поврзување на Европа“.

За Полска, која во последните години троши околу 20 милијарди кубни метри гас од кои десет милијарди годишно увезувани од Русија, новиот гасовод од Норвешка значи дека, доколку го искористи целиот капацитет, може целосно да го замени рускиот гас.
Полска води разговори со Чешката Република и другите централноевропски земји за проекти што ќе им овозможат да го користат „Балтик пајп“ за транспорт на гас, чии оператори се данскиот „Енерџинет“ и полскиот „Гас-систем“.