Шејла Камериќ, уметница, и Наталија Пауниќ, кураторка

„Доаѓаме со поклон“ е насловена изложбата на познатата уметница Шејла Камериќ, поставена во „Чифте-амам“. Шејла Камериќ живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените. Наталија Пауниќ е кураторка на изложбата.

„Доаѓаме со поклон“ е насловот на изложбата, па каков „поклон“ ѝ носите на македонската публика?
Наталија Пауниќ: Насловот потекна од едно дело на Шејла (анг.„We come with a bow“). Делото се однесува на производството на женски гаќички, дури и на детски женски гаќички. На гаќичките често има панделка (bow), што ја носи идејата дека женското тело е вид подарок. Размислувавме како да ја пренесеме панделката во ист контекст на македонски јазик да не се изгуби значењето, секако метафоричното значење и буквалното, бидејќи подарокот со кој доаѓаме е двозначен.

Какви стереотипи сакате да разбиете со вашата уметност и какви прашања да испровоцирате?
Шејла Камериќ: Сакам да видам дека публиката си поставува прашања кога ќе ги види моите дела. Не мислам дека постои едно значење за одредено дело. Во овој случај темата е поврзана со жените и нивната позиција, сегашна и секако низ историјата, со системот што ги држи жените во разни заробеништва. Исто така е битно користењето на различните материјали, рачната изработка како уште еден облик на женскиот отпор. Изложбата го испитува и женското тело и на кој начин се користи тоа, дали е подарено или осудувано затоа што е флексибилно. Се занимавам со прашањата на тој конфликт, парадокс, на целата социјална парадигма во која телото е секаде каде што е потребно да биде, а сепак е скриено и цензурирано. Војната против жените е најдолгата војна што се водела некогаш и што сѐ уште се води.

Кому му е посветена изложбата, дали пред сѐ на жените?
Шејла Камериќ: Дефинитивно не станува збор за раздвојување на двата пола, туку баш спротивното, изнесување на виделина нешто што е скриено. Да може рамноправно да се зборува. Некои работи да се соголат, да се прикажат, за да не продолжиме да живееме во тој двоен систем, во кој нешто е машко, а нешто женско. Иако би било најдобро да не зборуваме воопшто за два различни пола, затоа што не се само два пола, се надевам дека наскоро ќе живееме во време во кое ќе биде нормално да не зборуваме само за два пола.

На кои проблеми на кои обично не им обрнуваме многу внимание сакате да им дадете видливост?
Наталија Пауниќ: Еве, на ситуацијата во Иран, на пример. Мислам дека тие скриени работи обично се највидливи, работи што сите ги чувствуваме, а не можеме да ги именуваме. Тоа е можеби една од темите за кои треба да се зборува кога е во прашање феминизмот. Тема со која Шејла се занимава, за разлика од другите феминисти, е женственото во жената, кое треба да биде афирмативно. Тоа е и идејата на феминизмот, да се бориме против мизогинијата, која и понатаму е присутна секаде, а некогаш и жените сами учествуваат во неа. Денес е најважно да се бориме против мизогинијата.

Шејла Камериќ: И тоа во сите сфери. Она што јас постојано го повторувам во моето дело „Босниан грл“ е дека тоа дело е за предрасудите, но не само оние што доаѓаат од страна, туку и оние што ги носиме во себе и на кои сме жртви. Уметноста е вид на коректив, таа треба да ги открива скриените нешта.

Каков симболизам носат вашите дела?
Шејла Камериќ: Не сакам рамки што ме попречуваат, така и во уметноста не сакав да се определам само за еден медиум, иако некогаш тоа е многу полесно. Пристапувањето на разни форми, улоги, алатки, ми дава еден вид слобода да можам да работам во кој било медиум.

Наталија Пауниќ: Кога станува збор за симболизмот, постојат две линии. Едната е автопортрет, со кој Шејла се занимава уште од „Босниан грл“, каде што со користење на сопственото тело се укажува на некоја проблематика што нѐ засега сите. А другата линија на делата е рачната изработка, типично „женски“ рутини: плетење, ткаење, текстилните дела. И тука се јавува една субверзија. Она што сме го гледале како традиционално, што го работеле нашите мајки, баби, сега се носи во нов контекст и се набљудува во ново светло. И автопортретите и текстилните изработки доведуваат до некаков пресврт, постои некоја субверзија во двете линии на делото.