Русија ја прекина испораката на гас за Полска и за Бугарија, откако одбија да платат за гас во рубли, но тоа не го направи и за Германија, иако првично одби да ѝ испрати оружје на Украина поради зависноста од рускиот гас.
Полска се позиционира како главен сојузник на нападнатата Украина. Покрај економската и помошта во вид на оружје и грижата за бегалците, Полска е еден вид транзитна земја за сѐ што пристигнува во Украина од другите западни земји.Германија ја спаси тоа што Русија го запре протокот на гас преку гасоводот „Јамал“, кој не е главен проток на нејзиното снабдување, како и турскиот проток.
Германските власти очекуваат силен одговор од Русија по одлуката за испраќање оружје во Украина, а прекинот на испораката на гас за Германија не би бил добар економски потег за Кремљ.
Рускиот гас сочинуваше 30 отсто од вкупните испораки на гас во Европа во 2020 година, но во првата половина на 2021 година тој изнесуваше повеќе од 45 отсто според податоците од „Евростат“, додека најголемото количество руски гас завршува во Германија, Италија, Франција и Австрија.
Европа се потпира на Русија за околу 47 отсто од својот природен гас, најголемиот дел преку гасоводи – вклучувајќи го „Јамал“, кој минува низ Белорусија и Полска до Германија, „Северен тек“, кој оди директно до Германија и маршрутите преку Украина.
Од споменатите 47 отсто, околу 18 отсто од увозот на руски гас завршуваат во Германија, поради што е јасно дека одлуката за прекин на гасот во оваа земја би била силен економски удар за самата Русија.
Според Тино Крупала, член на комисијата за меѓународна политика на германскиот Бундестаг и лидер на партијата Алтернатива за Германија, Германија треба да го пушти во употреба „Северен тек 2“, а за возврат Русија повторно да го прифати еврото за плаќање на гасот.
– Нашата партија смета дека Германија во секој случај треба да се залага за пуштање во употреба на „Северен тек 2“. Затоа темата за платежна валута ја гледам како независна тема од проектот. Ако аргументот за трговијата со евра помогне да се убеди германската влада да го пушти во употреба гасоводот, тогаш тоа би можело да биде добра идеја – изјави Крупала.
Тој наведе и дека е очигледно оти германскиот увозник на гас, компанијата „Унипер“, следната сметка за рускиот гас ќе треба да ја плати во рубли.
Германија уште пред инвазијата на Украина ја прекина сертификацијата на гасоводот „Северен тек 2“. Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, претходно изјави дека проектот е всушност замрзнат.