Во Србија се одржува генерален штрајк на повик на студентите за блокади. На повикот да се прекине работата на 24 часа се одзваа културни институции, адвокати, некои училишта и неколку стотици приватни компании, а најавени се и протестни маршеви низ улиците на Белград.
Студентите ги повикаа граѓаните да не одат на работа на 24 јануари, како и да не се занимаваат со никакви набавки или други финансиски трансакции. Повеќе од 200 бизниси претходно потврдија дека ќе ја прекинат работата во знак на солидарност со студентите.
Во еднодневен штрајк е и Републичкиот синдикат на културата. И адвокатите најавија протест пред Претседателството на Србија.
Голем број основни и средни училишта во Србија го продолжија прекинот на наставата што ја започнаа на 20 јануари, придружувајќи се на барањата на учениците.