Министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин изјави дека не е можно да се запрат дојавите за поставени бомбите, но дека „превентивно се дејствува 24 часа на ден со испраќање полициски екипи во раните утрински часови на најважните места како што се трговските центри“, како и да дојавите за бомби пристигнувале секој ден на одигравањето на Фајнл-форот во Белград, јавува МИА.
-Само Северна Кореја може ефективно да го запре ова, да ги исклучи телефоните и интернетот, ние кои сме на мрежата не можеме-изјави Вулин, истакнувајќи дека дојавите се многубројни.
Како што рече, полицијата оди на секое место каде што ја викаат, „но ова е како корона, мора да се научиме да живееме со неа“.
-Ние на повик доаѓаме да провериме што се случува. Имавме дојави за бомби секој ден на одигрувањето на Фајнл-форот и ако ги послушавме дојавите, тој немаше да се одржи. Превентивно ги распоредивме нашите единици и се погриживме да го намалиме ризикот на минимум. Тогаш управата на Фајнл-форот рече – тоа за нас е доволно, сметаме дека тоа е лажна дојава, нека се одигра-изјави Вулин.
Тој наведе дека законот е таков што „шефот за безбедноста може да каже дека салата треба да се испразни или не, а полицијата е само сервис“.
Според него, тоа е „форма на психолошка војна, модерен тероризам“.