Фото: Пeкселс

Во Србија е регистриран првиот потврден случај на мајмунски сипаници, соопшти денеска Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“. Се работи за заболено лице кое влегло во Србија од странство, јави дописникот на МИА од Белград.

Случајот, како што е наведено, бил дијагностициран и се третира терапевтски.

Лабораториска дијагностика е извршена во Заводот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ од Белград.

-Институтот за јавно здравје спроведе епидемиолошка истрага за случајот и спроведени се сите мерки на евидентирање, тестирање, пријавување и контрола на натамошното ширење на инфекцијата согласно стручните методолошки упатства – соопштија од Батут.

Упатството што го наведува Батут, меѓу другото, подразбира дека еден пријавен случај подразбира постоење на епидемија на оваа болест во Србија, објавија медиумите претходно.

Како што објасни за весникот „Данас“ професорот по инфектологија Драган Делиќ, причина за тоа е што оваа болест претходно ја немало во Србија.

Запрашан дали мајмунските сипаници може да доведат до пандемија слична на Ковид-19, тој рече дека се работи за неспоредлива болест, и кога се работи за начинот на пренесување, и за смртноста и за достапноста на лекови.

Во стручните методолошки упатства на Батут е наведено и дека пациентот треба да биде изолиран и да остане во изолација се додека симптомите, вклучително и осипот, не се повлечат. Исто така, неопходно е контактите на пациентот да бидат под еден вид надзор. Доколку немаат симптоми на болеста, можат да продолжат со секојдневните активности. Во случај на симптоми, контактите се изолираат седум дена. Изолацијата се прекинува доколку не се појави осип.

За првиот потврден случај во Србија се известени меѓународните здравствени институции.

Од Батут упатија апел до граѓаните за зачувување на своето здравје да ги применуваат сите превентивни мерки и да ги почитуваат препораките на здравствените установи.