Фото: ЕПА

Потпишана Декларација за зајакнување на одбранбената соработка помеѓу Хрватска, Албанија и Косово

Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за зајакнување на одбранбената соработка. Декларацијата ја потпишаа министрите за одбрана на трите земји: Иван Анушиќ, Пир Венгу и Ејуп Маќедончи. Потписничките држави тврдат дека Декларацијата „ќе придонесе за безбедноста на Југоисточна Европа (ЈИЕ) и ја нагласува важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици што би можеле да ја загрозат регионалната стабилност“. Наедно, во заедничкото соопштение на земјите потписнички се наведува дека „документот ги промовира одбранбените способности и соработката меѓу одбранбените индустрии, зајакнувањето на интероперабилноста преку образование, обука и вежби, спротивставување на хибридните закани и целосна поддршка за евроатлантската интеграција“. Во врска со тоа Србија најавува дека ќе бара итно објаснување од министерствата за надворешни работи на Хрватска и на Албанија во врска со потпишаниот документ.

Вучиќ: Хрватска, Косово и Албанија го прекршија договорот од 1996 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека потпишувањето меморандум меѓу Албанија, Косово и Хрватска за соработка во областа на одбраната претставува „прекршување на субрегионалниот договор“, додавајќи дека е речиси сигурен дека „НАТО не бил информиран за тоа“. Претседателот на Србија, кој престојуваше деновиве во Брисел, оттаму, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потврди дека „тоа беше една од темите на разговор што тој ги отворил“.
– Ова е прекршување на таканаречениот субрегионален договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, но од реакциите од Хрватска и некои други делови од регионот видовме дека тие не се многу заинтересирани за тоа. Речиси сум убеден дека НАТО не бил ниту информиран и дека не им било ни кажано кои договори се прекршени – изјави во таа пригода Вучиќ.
Тој додаде дека мисли дека ниту Приштина ниту Загреб ниту Тирана ќе бидат загрижени за ова.
– Тие отворија трка во вооружување во нашиот регион, тоа е тешка ситуација за нас, но ја разбравме нивната порака. И ние ќе ја зачуваме нашата земја, ќе ги одвраќаме и секогаш успешно ќе ја браниме од секој потенцијален агресор, дури и од таков моќен – изјави во Брисел Вучиќ токму за потпишаната Декларација меѓу Хрватска, Албанија и Косово.
– Наше е да им укажеме на г. Руте и на луѓето во НАТО и на сите други дека ова е прекршување на она што е прифатено, потпишано и почитувано од 1996 година. Наше е да ја разбереме реалноста и соодветно да се подготвиме за иднината – заклучи Претседателот на Србија.

Министерот за одбрана на Хрватска, Анушиќ: Новата геополитичка ситуација бара создавање нови и зајакнување на постојните сојузи

При потпишувањето на Декларацијата за зајакнување на одбранбената соработка помеѓу Хрватска, Албанија и Косово, во Тирана, министерот за одбрана на Хрватска, Иван Анушиќ, изјави дека „новата геополитичка ситуација бара создавање нови и зајакнување на постојните сојузи, а Хрватска, Албанија и Косово имаат силен заеднички интерес за зачувување на стабилноста во Југоисточна Европа“.
– Нашите односи со Косово и со Албанија се долги и пријателски, а соработката што ја развиваме се заснова на сојузништво и заеднички интереси… Целта е да се зајакне политичката и одбранбената соработка на нашите земји и да се поддржат Косово и Албанија на нивниот евроатлантски пат – рече хрватскиот министер за одбрана. Р.С.