Фото: ЕПА

Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ѝ вети на Турција „успех и победа“ по повод стогодишнината од основањето на Република Турција, која беше одбележана во неделата.
– Ниту една империјална сила нема да може да ги спречи среќата, успехот и победата на Република Турција – рече претседателот во говорот во Босфорската палата во Истанбул во точно 19.23 часот по локално време, што одговара на 1923 година, кога беше создадена Републиката.
По говорот на турскиот претседател, Босфорот беше осветлен со огномет и светлосно шоу со помош на дронови. Во текот на претпладнето во Истанбул се одржа смотра на воздухопловните и поморските сили, што беше можност армијата, втора по големина во НАТО и осма во светот, да ги претстави своите капацитети. По повеќекратните прелети на американските „Ф-16“, кои го испишаа бројот 100 на небото, носачот на авиони „Анадолу“, специјално опремен за примање дронови, го отвори патот за „најголемата поморски воена смотра во историјата“, пловејќи низ теснецот кон Црно Море, додека зад него настапуваше флота со стотина брода.
Иако некои политички противници го критикуваат дека сака да го избрише наследството на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, претседателот Ердоган рече дека ја цени „секоја фаза од нашето славно минато“.
– Нашата Република е безбедна и е во добри раце, како никогаш досега. Нека живее во мир – порача Ердоган во неделата претпладне пред мавзолејот на Ататурк во Анкара.
Пред сто години, на 29 октомври 1923 година, Мустафа Кемал Ататурк ја прогласи Република Турција, секуларна, прозападна и, за тоа време, демократска држава создадена на урнатините на Отоманската Империја. Земјата што тој ја создаваше не беше наследник на Отоманската Империја, туку република свртена кон запад. Во 1930-тите, жените добија активно и пасивно право на глас, покрај арапската азбука, беше воведена и латиницата, а законот забрани носење фес, турбани и фереџе. Култот на личноста поврзан со Мустафа Кемал, таткото на Турците, е жив и денес. Неговите слики висат во канцеларии, ресторани, станови.