Фото: Фејсбук/Министерство за одбрана и војска на Србија

Незадоволните Срби на северот на Косово денеска поставија нови барикади, неколку часа откако Србија соопшти дека ја ставила армијата во највисок степен на готовност, во екот на неколкунеделните тензии помеѓу Белград и Приштина, објавуваат регионалните медиуми.

Српското министерство за одбрана објави дека наредбата стигнала од српскиот претседател Александар Вучиќ, поради верувањето дека косовските власти се подготвуваат да ги нападнат Србите и со сила да ги отстранат барикадите. Приштина пак, претходно го повика НАТО да ги тргне барикадите, но истовремено истакна дека има капацитет и подготвеност да дејствува.

Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, нагласи дека српските служби сериозно ја работат својата работа, како и дека „се знае речиси секој чекор на Приштина и нивниот оперативен план“, пренесуваат белградски „Новости“.

Вучиќ денеска се сретна со патријархот на Српската православна црква, Порфирије, во патријаршијата во Белград. Средбата се одржува еден ден откако на поглаварот на СПЦ му беше забранет влез на Косово во пресрет на Божиќ. Српскиот патријарх кажа дека тргнал во седиштето на црквата за биде со својот народ во пресрет на Божиќ.

Последните тензии на Косово избија на 10 декември кога тамошните Срби ги блокираа патиштата на повеќе локации по апсењето на српски полицаец. Во претходните неколку месеци, пак, тензии создаваше прашањето за регистарските таблички.

НАТО има околу 3.700 војници стационирани на Косово со цел да го одржуваат мирот. Алијансата порача дека ќе интервенира во рамки на мандатот, ако биде загрозена стабилноста во регионот. Мисијата на ЕУ на Косово, пак, брои околу 200 полицајци.