Српската војска беше ставена во состојба на готовност, откако државниот врв на Србија тврдеше дека се забележани прелети на дронови во граничните области со Косово, во изминатите неколку дена. Ваквите случувања се надоврзуваат на одлуката на властите во Приштина за постепено воведување регистарски таблички со косовски ознаки, што предизвикува незадоволство кај Србите во Косово. А тензичната ситуација носи стравувања од можни безбедносни ризици за регионот.
Воено-политичкиот аналитичар и професор на Воената академија во Скопје, Методи Хаџи Јанев, смета дека тензиите помеѓу Србија и Косово претставуваат шоу за домашна употреба, со кое лидерите на двете страни го креваат сопствениот рејтинг, но нагласува дека ѕвечкањето со оружје секогаш носи ризици за ситуацијата да излезе надвор од контрола.
– Лидерите на двете страни ја користат ситуацијата за да билдаат рејтинг. Повеќе станува збор за шоу за домашна употреба, но кога има ѕвечкање со оружје, секогаш постојат ризици ситуацијата да излезе надвор од контрола, до што се надевам дека нема да дојде. Постои ризик за каскадни ефекти од погрешно толкување на случувањата при несоодветна комуникација. Но мислам дека Србија и Косово точно знаат какви им се улогите и оти немаат капацитет да се потпрат на сопствената моќ. А Западот ја мониторира ситуацијата – објаснува Хаџи Јанев.
Тој истакнува дека Србија има право да собори летала што го нарушуваат нејзиниот воздушен простор, но оти допрва треба да бидат потврдени изнесените информации.
– Ако ваквите информации се точни, Србија како воено неутрална држава има право да собори летала доколку тие го нарушиле нејзиниот воздушен простор. Сепак, допрва треба да се потврди веродостојноста на сите изнесени информации – вели Хаџи Јанев.
Новоназначениот српски министер за одбрана Милош Вучевиќ во вчерашното гостување на РТС напомена дека не може да каже чии се дроновите, но е утврдено оти беспилотните летала доаѓале од Косово и се движеле кон централна Србија. Дроновите вчера, наводно, ги снимале активностите во зоната на копнена безбедност и во две српски касарни. Вучевиќ посочи дека српската војска може да одговори на ваквите безбедносни предизвици со хеликоптери, топови и авионски митралези. Српската премиерка Ана Брнабиќ, исто така, нагласи дека Србија ќе ги собори леталата како што тоа би го сторила секоја држава, доколку се повторат ваквите инциденти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ завчера наредил да се кренат авион ловци од типот „миг-29“, но Вучевиќ објаснува дека патролирањето на авионите не е поврзано со забележаните дронови, туку дека станува збор за редовна контрола на воздушниот простор.

– Забележани се повеќе летала, со различни движења. Сето тоа се одвива во контекстот на надзор и обидите за следење на активностите на војската на Србија на територијата што е под наша контрола. Тоа е комплексна ситуација. „Миговите-29“ патролираат над нашето небо, имаме право да го контролираме своето небо, како сите други држави. Не ги креваме „миговите-29“ за дронови – категоричен е Вучевиќ, додавајќи дека во Србија моментно се спроведуваат големи воени вежби наречени „Маневри 22“.
Според одлуката на косовските власти, на возилата што ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички до 21 ноември ќе им се изрекува „укор“. По овој датум, до 21 јануари в година, ќе се изрекуваат парични казни, додека од 21 јануари до 21 април ќе им се издаваат пробни таблички.
Во август избувнаа етнички тензии во Косово, токму поради одлуката за менување на регистарските таблички, кога Србите во северно Косово поставија блокади во знак на протест. Косовските власти со години се обидуваат да ги принудат тамошните Срби да почнат со користење косовски регистарски таблички, во обид за наметнување авторитет. Локалните Срби, пак, не ги признаваат косовските институции и сакаат да оформат заедница на српски општини што би им овозможила поголема автономија. М.Ж.